Еден од најпознатите посетители на градот Колорадо Спрингс во сојузната држава Колорадо, САД, е Никола Тесла. Тој имал лабораторија на мал рид кој сега е познат како Ноб. Отишол таму во 1899 поради квалитетот на воздухот, но не го направил тоа од здравствени причини како многумина во тоа време, туку од научни.
Тесла верувал дека електричната енергија може да се пренесува преку огромни растојанија во атмосферата без употреба на жици. Му била потребна локација во планинско место во која воздухот лесно може да се јонизира, а со тоа полесно ја пренесува електричната енергија.
Познатата фотографија од Тесла како седи во лабораторија била направена во Колорадо Спрингс. Тесла ја изградил лабораторијата со помош на донации. Таа личела на штала, но имала дрвена кула висока 24 метри на нејзиниот покрив. На кулата имало метален јарбол од 43 метри на чиј врв имало голема бакарна топка.
На влезот од лабораторијата имало знаци за внимание, како и цитат од „Пеколот“ на Данте Алигиери: „Вие што влегувате, откажете се од секоја надеж“. Лабораторијата навистина можела да биде опасна за оние што ѝ се приближувале. Во неа Тесла спроведувал експерименти за пренесување електрична енергија во воздухот. За да спречи пожар, Тесла изработил покрив кој се вадел кога се спроведувале експериментите.
Според теоријата на Тесла, Земјата е голем спроводник и со тоа е возможно да се пренесува неограничено количество електрична енергија насекаде со минимална загуба. Тој сакал да ја тестира оваа теорија и затоа сакал да изгради инструмент кој може да произведе електрични празнења како оние на молњите.
Успеал да изгради огромен осцилатор кој бил неколкупати помоќен од кој било друг уред што го направил. Тој го опишал инструментот како калем со дијаметар од 16 метри и висина од околу 3 метри.
Неговото најголемо достигнување во лабораторијата е емитување на електрична енергија од 10.000 вати која може да запали 200 светилки без употреба на жици на оддалеченост од 42 километри. И покрај ветувачките резултати на неговите експерименти, безжичното пренесување на електричната енергија никогаш не стана реалност.
Тесла останал во Колорадо Спрингс девет месеци. Додека бил таму, неговите инструменти забележале ритмички сигнали
кои Тесла ги опишал како кодови од друга планета. Некои сметаат дека Тесла можеби слушнал звуци од тестирањето на безжични телеграфски уреди во Европа. Еден век подоцна научници кои ги реплицирале експериментите на Тесла покажале дека сигналот веројатно бил предизвикан од месечината Ио која поминувала низ магнетното поле на Јупитер.
Тесла си заминал од Колорадо Спрингс во јануари 1900. Четири години подоцна, неговата лабораторија била срушена и продадена на аукција.
Автор: Кошник Патовари
Извор:
amusingplanet.com