X
 11.10.2018 Здравје

Како климатските промени влијаат врз нашето ментално здравје?

Без брзи и драстични мерки, климатските промени ќе изложат стотици милиони луѓе на бранови на топлина, зголемување на нивото на морето, екстремни временски неприлики, а според најновото истражување, ќе се влоши и менталното здравје на луѓето.

Претходните истражувања покажаа дека зголемувањето на температурите може да го наруши сонот, да го влоши расположението и да го зголеми ризикот за самоубиство - нешто што го поттикнало авторот Ник Обрадовиќ заедно со колегите да го испита влијанието на климатските промени врз менталното здравје и дали тие водат до поголем стрес, депресија и анксиозност.

Истражувањето ги анализирало податоците собрани од 2 милиона жители на Америка. Податоците биле споредени со метеоролошките податоци за времето за тимот да се обиде да утврди како екстремните температури, затоплувањето и екстремните временски настани влијаат врз менталното здравје, според оцените на самите учесници.

- Откривме дека изложеноста на повисоки температури ги зголемува менталните проблеми. Податоците покажуваат дека ризикот е малку повисок за луѓето со пониски приходи и кај жените. Зголемувањето на температурите за еден степен го зголемува ризикот од ментални проблеми за 2 отсто, а кај природните катастрофи, ризикот се зголемува за 4 отсто - вели Обрадовиќ, кој е научник на Институтот за технологија во Масачусетс.

Научниците знаат дека високите температури го нарушуваат сонот, го влошуваат расположението, когнитивните перформанси и продуктивноста, но сѐ уште не знаат зошто. Одговорот на ова прашање е важен бидејќи интервенциите се разликуваат ако сите негативни ефекти од растечките температури предизвикани од нарушувањата во спиењето или ако дневните температури влијаат врз менталното здравје, расположението, когнитивните функции на некој друг начин.

Обрадовиќ истакнува дека ова е еден ограничен дел од податоците во сѐ пообемната литература, што укажува на тоа дека климатските промени се штетни за здравјето на човекот.

Можеме да дејствуваме за да го спречиме глобалното затоплување. Според Меѓувладиниот комитет на ОН, избегнувањето на затоплувањето за 0,5 до 2 степени не значи измислување на нова технологија, туку зголемување на онаа што веќе ја имаме. Имаме средства за спречување на катастрофални промени во климата, но прашањето е дали имаме волја, се вели во извештајот.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје