Никој не може секогаш да биде тука и секој некогаш ќе биде токму тука, исто како што и сите нeкогаш нема да знаеме дали сме биле тука... Да се биде тука било, e и ќе биде значајна инстанција на нашето психофизичко, биолошко и спиритуално постоење. Од памтивек постоел стравот – да не се биде тука. Во психотерапијата се наведени стотици примери на луѓе чија целоживотна историја се свела на прашањето – дали ќе бидам тука?! Исто толку трауми, анксиозности и животи во очај завршиле или сѐ уште се живеат поради некое некогашно – не бев тука кога требаше! Некои луѓе никогаш нема да си простат што не биле токму во даден момент од постоењето на одредено место и во одредено време. Други, пак, се покајуваат што биле тука кога не требало. Тоа што треба и правовременоста на бидувањето во тоа што треба секогаш биле како паралелни отсечки. Многу луѓе не можат да си простат што не биле тука кога родителот им испуштал душа. Други, пак, се самоуништуваат што не биле тука кога детето им матурирало, влегло во брак или слично. Трети, пак, никогаш нема да си простат што не останале за само миг по кој се случило нешто што ќе им ја сменело сопствената психоисторија.
Некои жалат за мигот, а други пак дека биле токму тука и некаде во истиот тој миг. Ех, да бев тука и да го видев тоа ќе можев мирно да си умрам! Ех, да бев тогаш и таму сè ќе беше поинаку! Ух што не останав уште минута и ќе го сретнев човекот на мојот живот! Четврти велат - среќа што не бев тука кога удри силниот земјотрес. Или, пак, да ја поминев улицата две секунди подоцна, ќе бев под страшните камионски тркала. Да бев, да не бев, да останев, да отидев, да стигнев, да престигнев итн. Му нема крај на лудилото наречено бидување некаде и во нешто. Невозможно е да се биде секаде, нечовечки е да се види и посведочи сѐ што се случува во нас и околу нас. Но, како и секаде и секогаш, мерката е некакво немерливо правило за тоа што е значајно, колку и како од бидувањето овде. Без селекција човечкиот живот би се свел на хаотично удирање од ѕидот на животот како што слепите атоми удираат во материјата или кусоживите сперматозоиди поим немаат каде се наоѓа јајце-клетката, па итаат кон невидливата цел.
Во сета таа анархија постои некој внатрешен ред кој најчесто е невидлив за повеќето душевни очи на изгубените битија во просторот и времето, а најмногу во својата смисла. Впрочем, човек без смисла и не е човек во хуманистичка смисла кажано. Имено, тој без одредена форма на селективно перципирање, однесување и процесирање на податоци и форми на живот би се свел на летимична идеја на бидувањето во што и да е. Но, има едно нешто, едно нешто кое става чуден ред без да ја повикува строгата војска на совеста да одлучи кој ќе биде тука, а кој не... Тоа нешто го нарекуваме лично значење, лична смисла.
Личното значење не е еднаш засекогаш забетониран непроменлив систем од уверувања, вредности, мислења и ставови. Напротив, смислата се осознава со текот на животот и нејзиниот парадокс е што честопати ја наоѓаме кога е премногу доцна да ја одживееме. Или како што велат филозофите – смислата на животот се бара при неговиот крај, а дотогаш се живее. Но, дали тоа значи дека е живот хаотичниот редослед на искуства кои се неповрзани во никаква смисловна и поимна целина? Не би рекол дека е така, како што не велам дека со староста неминовно доаѓа и мудроста. Мудроста и смисленото живеење од друга страна, пак, не се нешто што со добар тренинг и многу работа се здобива и учи. Исто како што знаењето и мудроста не се исто покрај синонимниот факт дека интелигенцијата не е креативност. Еднаш некој рекол – има толку интелигентни, а сепак глупави луѓе, оти глупоста има повеќе форми и лица. Исто како што искуството не е пасош до разбирањето и свесноста. Познавам луѓе кои се екстра интелигентни, а се толку тапоглаво несвесни, што е вистинско чудо на и онака сложената ментална економија на просечниот човек. А и што е тоа лична смисла ако не систем од индивидуални, особени и единечни склопови кај секој од нас? Зарем е тоа толковник во кој пишува како се живее смислено?! Ми се гади кога в рака ќе добијам парче книга со наслов – како да живееш смислено?! Или - патот до сопствената среќа?! Или - научи да царуваш со сопствената енергија?! Или пак - патот до мудроста е еден?! Смисленото не се учи, туку се открива. Патот до мојата среќа е различен од твојот пат до твојата, а и што е тоа среќа?! Кога енергијата мисловно ќе се ограничи, таа престанува да биде енергија, а мудроста не е прирачник за јајца на око. Ма дајте бре луѓе, каде отиде здравиот разум од кој постмодерната наука бегаше како од ѓавол затоа што нè учел на простодушно поимање на природата и на луѓето?!
Одеднаш сѐ, ама баш сѐ стана некаква форма на еднократна вредност која живее додека е во тренд. Луѓе кои одеднаш здраво се хранат зашто така требало, небаре пред 1000 години луѓето не умееле да разликуваат здраво од нездраво?! Цели серијали на медицински совети додека во светот сѐ побрзо, поболно и понесфатливо се умира. Разни видови спортови кои се практикуваат за да се покаже своето вајано тело додека во умот се бркаат две мозочни бразди, а третата е во самоистребување. Наместени среќни лица кои тукушто обилно појадувале и нашминкани очи зад кои се крие најдлабоката тага, оти е непризнаена и скриена. Тони и тони емисии, филмови, фестивали, карневали, разни серијали и непрокопсани правила за тоа како, каде и на кој начин да се пронајде среќата. А истовремено ниту една искрена изјава за тоа што не ни се допаѓа. И зошто?!
Во името на тоа секогаш, насекаде – да се биде тука! Да не се пропушти миг од она што е општоприфатено како нешто за кое вреди да се биде тука. И знаете што? Така ја ѕидаме несреќата – страв ми е да не не бидам овде! Што повеќе од местана на кои „сакаме“ да бидеме, тоа повеќе можности да не се биде на многу други значајни места. Кога се носи една одлука, едно се добива, ама другото се губи. Да, живееме во ера кога нè тераат да носиме брзи, силни и демек самосвесни одлуки.
Никој не сака да признае дека би менувал една тешка одлука со истовремено живеење во конфликтот кој живот значи, оти во него уживаме и од него не ни се оди. Неодлучувањето поради нешто што ни е значајно не значи и недејствување. Сакаме да бидеме решителни, бидејќи самите на себе сме си најважни. Ако самите на себеси сме си најважни, зошто тогаш везден се трудиме да бидеме негде и се плашиме дека нема да бидеме таму? Ако сме си доволни сами на себеси, од каде потребата некој друг да суди дали сме или не сме биле негде? Оттаму, дури и кога сме некаде, ние всушност не сме никаде, затоа што сѐ правиме за себе. Тогаш дали сме биле некаде за некој друг? Дали сме пожртвувале трошка од нашето време, нерви, средства и желби за да бидеме од срце некаде без никој тоа од нас да го побара, туку само така, ете, сме посакале да бидеме таму.
За подарок не ни е потребна Нова година, за внимание не ни е неопходна болест за луѓето што нè сакаат да мора да бидат тука. Се работи за свесен избор. Да, човекот е сепак барем делумно свесно суштество и некаде во својот когнитивен и морален систем носи одлуки или полуодлуки за тоа каде, кога, за кого, со кого и зошто сака или не сака да биде! Бидувањето некаде и ситната среќа за цена имаат отсуство на едно посуштинско место каде што не стигнавме да бидеме. Каде брзаш човеку? Кажи ми каде иташ во сета своја потреба да голташ енормни количини знаење, туѓи мудрости, податоци и празни искуства?! Кога ќе осознаеш дека искуството е внатрешна работа исто како што и среќата е прашање на перцепција и умешност да го прифатиш невозможното борејќи се да го сториш можно и да живееш во сопственото страдање, ако страдањето вреди.
Дојде време кога ништо, ама баш ништо не вреди. Сѐ има кус рок, сѐ е заменливо: луѓе, животни, материјални добра, природа, вредности, морал. Сѐ се купува оти не се бара ништо да потрае и да се зачува. Сѐ се купува зашто сѐ е на продажба. Вредните луѓе кои и онака се бројат на една рака се стутулиле во ќошот оти не се таму кога треба, секогаш го промашуваат мигот кога се делат крвавите дарови на „златното теле“. Секогаш доцнат, а вечерата им ја зема некој друг, побрз, поамбициозен, повешт и помалку човек. Интернетот врие од мисли за добросостојбата и наводната грижа за планетата, за животните и растенијата, додека човекот, токму оној на кого му е доверена оваа планета, ја изеде љубовта во себе. Се уништи од таа страшна имплозија на консумеризмот, која како ерозија му ги уништи органите за доживување. Емоциите станаа осети, сопствените мисли станаа туѓи цитати, а вниманието кон другиот - непотребно губење време. Децата ги оптоваруваме од истата алчна потреба да стигнат секаде, на секоја секција, на секој курс, на секое школо, а заборавивме дека безгрижноста не се купува со пари и дека времето е неповратно. Старите веќе не ги поздравуваме на улица, поучените од нас одеднаш ги снемува пред нашето сезнаење, оти, од нас, нели, светот почнува. Се гадиме од луѓето на кои им даваме милостина исто како што глумиме љубов кон другите нации, вери и уверувања. Важно ни е да ставиме слика дека сме биле секаде и сме виделе сѐ. Дека нема ни едно место и книга или филм кој е во тренд, а за кој не знаеме. Колку повеќе читаме, толку помалку знаеме. Колку повеќе искусуваме, толку помалку доживуваме. Колку повеќе сме вљубени во себе, толку помалку ги чуваме луѓето што мислат на нас и кои заслужиле да не ги спростреме прерано на патот од бескрајното ништовило.
Колку повеќе психотерапевти, толку помалку спокој и мир. Колку повеќе сме секаде, толку помалку сме тука, во нас...
П.С. Пред некое време еден мој почитуван пријател ми ја донесе реченицата – човекот кој не беше тука! Е драг пријателе, само што ме потсети дека го имам она чувство дека сум далеку од онаму каде што сум... Размислете што значи тоа за секој од вас, зашто денес во ерата на секаде-бидувањето и сезнаењето доблест е да знаеш помалку, а да бидеш повеќе онаму каде што припаѓаш, каде и да е тоа... Јас сум можеби циник и критички нихилист, но барем не се апстрахирам од луѓето за кои погоре пишувам и не кријам дека живеењето ми е постојана болка и страдање. Во прифатеното страдање постои макар трошка искрена убавина на сопственото самосожалување. Кој сфати, ќе разбере, кој не, блазе си му!
Автор: проф. д-р Мирослав Пендароски, психолог, универзитетски професор