X
 08.02.2021 Колумни

Државната матура – дали е испит на зрелоста и зошто не?

Мора да се најде заедничко прифатливо решение. Пред сè, надлежните мора да ги земат предвид сите реални аспекти што упатуваат на потребата од ваквиот формат на полагање матура сега, во вакви услови...

Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште

Пред да го образложам мојот став за концептот за полагање на испитот на зрелоста, како што матурата секогаш се нарекувала, ќе ги наведам фактите и случувањата што го обележаа крајот на минатата и почетокот на оваа година, а кои се врзани за избликот на незадоволство упатен кон нас, наставниците, како и кон надлежните преку бојкотот на наставата од страна на средношколците. Имено, при крајот на минатата година, децата се обидоа да го изразат својот револт насочен против моделот на државната матура, која ги чека напролет и која, според законската регулатива, опфаќа испити од екстерен и од интерен дел, како и изработка на проектната задача. Станува збор за комплексен концепт, кој веќе неколку години опстојува како механизам за финална проверка на наученото кај матурантите, со што го заокружуваат својот четиригодишен напор и ги напуштаат средношколските клупи на пат да станат академски граѓани, подготвени за живот. Револтот се манифестираше преку бојкот на наставата непосредно пред полугодие и траеше релативно кусо, пред сè, поради фактот дека полугодието беше на прагот и оценките им беа под знак прашалник, а потоа и поради несоодветната осмисленост и организација на средношколците, поради што изостана масовност, а до израз дојдоа и нивното неединство и некоординацијата.

Новата година и почетокот на второто полугодие повторно донесоа нов обид за бојкот со истите барања: еден од екстерните испити да остане задолжителниот мајчин јазик, вториот да биде изборен по желба на ученикот, како и да остане изработката и одбраната на проектната задача. Од ваквите состојби, кои за резултат имаа неколкудневен прекин на наставата, и тоа не во сите училишта и не во сите градови, дури не и во едно исто училиште, се чини дека по којзнае кој пат испливаа на површина сите можни слабости на системот, мерени преку изостанувањето на сериозна анализа на издржаноста на моделот на државна матура во ковид-амбиент од страна на надлежните, преку неедногласноста на фелата да им понуди валидни аргументи за враќање на децата на настава во формат на совети, поддршка и насочување кон вистинските решенија, преку изостанувањето на реалната, издржана потреба и оваа година, како и изминатата, матурата да добие друг облик, ако веќе не се укинува, како и преку изостанувањето на внатрешната кохезија на младите во пристапот кон барањата поради кои се кренаа на нозе. Во моментов, по неколкудневниот бојкот на наставата во истиот, невоедначен формат низ градови и училишта, Сојузот на средношколци донесе одлука да го стави бојкотот во мирување во период од 6 до 12 февруари, а по тој рок ќе бидат разгледани сите опции.

Што може да се здогледа од овој мачен, само еден од многуте, сегмент од воспитно-образовното милје, длабоко дезориентирано, раслоено и неспособно да се справи со предизвиците кои се трансформираа во тешкотии кои, како што наликува, засега тешко ќе се надминат:
Пред сè, она што мислам дека надлежните го губат од вид во моментов, во кој вака опфатениот концепт на полагање државна матура се нуди еднакво како што се нудеше и во изминатите години, без ковид-пресијата, е фактот дека овие деца наставата ја следат од почетокот на годината, која започна еден месец подоцна, и тоа во еден сосема поинаков формат. Следат онлајн-настава која според пропозициите, треба да биде во скратен облик, со толкување на најсуштинските содржини и фокусирање кон носечките аспекти на она што треба да се знае. Ние како наставници имаме насоки да се фокусираме кон анализата и критичкото размислување, повеќе отколку кон фактографијата на која децата предолго се изложени. Тука некако веднаш ми се наметнува и прашањето за што би служела матурата, освен како формално задолжителен инструмент, ако еден од аргументите во нејзина одбрана од страна на надлежните е дека прашањата се базични, едноставни и многу лесни и целиот концепт е многу поедноставно поставен. Сака да рече – фактографски поставени, можеби? Чесно кажано, пак, сите сведочиме дека „на терен“ не е баш така едноставно и дека децата се оптоварени со многу содржини, многу задачи, многу очекувања и многу мал простор за себеискажување на еден поинаков начин, кој ќе покаже дали сме ги научиле да мислат. За резултат, најчесто имаме слабо знаење, пред сè, и за волја на вистината, и многу мала способност, желба и интерес да се потрудат да се раскажат себеси низ она што ги прашуваме. Оттука е и оправдан нивниот страв дека нема да можат да одговорат на барањата на испитите во функција на државна матура, но, секако, пак за волја на вистината, она што е многу поважно, не успеавме да ги научиме и дека ако сакаат, можат. Ако се потрудат, ќе успеат. Ако забележат дека сме тука за нив, ќе им помогнеме. Конечно, на што ги научивме деценија и повеќе наназад, и без ковид-ужасов кој тоа само непогрешливо го покажа, освен на снаоѓање, на неучење, на неморање, на непочит, на избегнување и на толеранција на мрзливоста и неодговорноста? Одамна не учат. Многу добро научија дека нема потреба од тоа, освен оние ретките кои сè уште знаат што сакаат од себе и за нив, училиштето сè уште ја има смислата. Генерално земено, зошто сега очекуваме знаењето да го чувствуваат како потреба, а испитите како себедоказ дека знаат? Конечно, и нивната неуниформност во ставовите по ова важно прашање околу матурата покажува колку се навистина заинтересирани што ќе се случува. Половина од децата не бојкотираа. Остатокот не се вклучува оти другите не се вклучуваат. Огромен дел не знаат кој ги води - што би кажал еден мој ученик, социјално дезориентиран, со мачна улога на претставник на сериозна системска последица, а толку многу умен: „Јас не знам кој е тој што ме претставува на протестите. Не знам ни како се вика тој што постојано зборува во името на средношколците. Не ми е гајле дали ќе полагам или не. Јас само сакам да спијам.“ Боли, нели?

Едноставно, не им овозможивме на децата учењето да го сфатат и прифатат како императив и како влог во сопствената иднина, не успеавме да им се приближиме доволно за таа блискост да подразбере рефлексија на она што сме ние како наставници врз нив – она што некогаш толку убаво умеевме да го правиме и поради кое кога се разделувавме, ќе речеа: „Многу научив од вас. Сакам да бидам како вас и фала ви за тоа.“ Конечно, децата многу добро сфатија каде живеат и што им е потребно за да се снајдат во животот. Сфатија дека тоа не се училиштето и знаењето и тој факт ниту еден контрааргумент не може да го побие. Затоа имаат поддршка од политичарите. Наместо од своите наставници.

Од друга страна, пак, постојат и некои други непобитни факти кои зафаќаат значаен дел од големата слика: Сега, во виорот на ковид-ужасов кој никако да заврши, ништо не е исто. Им недостига училиштето. Им недостигаме и ние, во крајна линија, онакви какви што умееме да бидеме за нив. Заради нив. Им недостига оној само нивен, автентичен, младешки здив помеѓу клупите. Дружбата. Заедничкото зреење. Синергијата која ја имаат само во училницата, никаде на друго место и никогаш повеќе, освен сега, кога се на прагот засекогаш да си заминат. Тој момент мора да се има предвид како непобитен факт врзан со себенедостигањето, такви какви што би биле да се таму каде што низ годините пораснале. Затоа ќе речам вака:

Мора да се најде заедничко прифатливо решение. Пред сè, надлежните мора да ги земат предвид сите реални аспекти кои упатуваат на потребата од ваквиот формат на полагање матура сега, во вакви услови. Да изготват модел по мерка, која доликува на матурант и да водат сметка за целиот контекст. Сакам да нагласам, секако, и дека мора да го прифатат фактот дека и без ковидот, со години наназад изведбата на матурските испити е дискутабилна и ако тој факт и понатаму го буткаме под тепих, само ќе го мултиплицираме проблемот наместо да му бараме решение. Знаеме за масовното препишување. Знаеме дека резултатите се бесмислени. Знаеме за попустливоста на тестаторите, во филмот „Оставете ги децата, и онака е сè отидено по ѓаволите.“ Ако знаеме, треба нешто и да се преземе по тоа прашање и во овој контекст, јас навистина мислам дека матурата треба да се замени со приемните испити на факултетите, затоа што тоа веќе значи и желба и афинитет на детето и ќе мора да научи, ако се гледа себеси на конкретниот факултет.

Понатаму, во актуелниов момент, решението треба да се потпира на неколку столбови: на законските решенија, на потребите на оние деца кои сакаат да студираат надвор и на кои ваков формат на полагање на испити им е потребен за да можат да си го остварат сонот, како и на сите што ќе останат тука и на кои треба да им се приближи сликата во целата своја прецизност, поткрепена со сеопфатен напор од сите нас во правец на извлекување на децата од летаргијата, од незаинтересираноста, од апатијата и од немањето желба да бидат најдобрата верзија од себеси сега, кога се млади и кога светот им се распостила пред нозете.

Дотогаш, остануваме заглавени во немоќта, исправени пред прашањето дали матурата е испит на зрелоста. И зошто не е.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни