Многу нешта заслужуваат да не се зборува веќе за нив, навистина. Колку и да е тежок тој факт, сепак станува полесно да одмолчуваш отколку да објаснуваш
Автор: Елизабета Секирарска, професорка во средно училиште
Многу размислував за темите што би ги опфатила со моево денешно писание – многу нешта ни го дефинираат и канализираат животот периодов и навистина е тешко да се одреди што е она за кое и мора и треба да се говори. Можеби првпат откако го фрлам „на хартија“ тоа што го чувствувам, го мислам и го чинам како човек, како родител и како учител, чудно ми исплива на површина она за кое веќе е и бесмислено да се зборува, наместо она што заслужува дискусија, соочувања, анализи и дебати.
Кому веќе му е потребно тоа, си реков? Кој е подготвен веќе навистина да исчита повеќе од насловот, да изнесе став, да аргументира, да бара решенија, а тоа да не е формат кој подразбира навреда, омаловажување и комплетен дефокус од намерата што ја има напишаното? Кој од нас, качен на вртелешката во желба за достигнување на високото би сакал веќе да објасни зошто е полесно да се прифати ниското, во обид да се симне оти сфаќа дека таа височина во основа не постои во формат во кој би требало? Кој од нас ќе сака да зборува веќе за потребата од ставање на колективното пред личното, затоа што одговорноста им ја должи на оние што ќе останат по него, а со самото тоа ќе е виновен за последиците од спротивното? Кој од нас ќе има доблест веќе да изговори како го сфаќа квалитетот во која било сфера и за него да се бори без личен хоризонт, а кој ако не го здогледаме, нема да придонесе да се облечеме во разочарување и ставање знак за равенство помеѓу она против кое сме се бореле и она за кое сме се избориле? Кому воопшто му е гајле веќе за реалноста, ако истата се сфаќа како слободен простор за нејзино толкување, не според тоа колку навистина тежи, туку според тоа како секој од нас ја мери? Ми се отворија навистина повеќе прашања, и не се малку, за жал. Би рекла дека навистина разбираме колку состојбите во кои живееме се проблематични и, за жал, со сериозни примеси на безнадежност, тогаш кога ќе се најдеме во состојба во која повеќе сакаме да не зборуваме за нив наместо да се соочиме со нив. И така е.
Нејсе. Вреди ли воопшто да се говори веќе? Да говориме ли за животната ни клима, детерминирана од многу нешта за кои сите делиме и признанија, ако се позитивни (а толку се малобројни) и вина, ако, за жал, носат негативни последици (а толку се многубројни) а не го гледаме тоа? Повеќе од две години живееме во таква кутија и никако да излеземе од неа – како да не сфаќаме дека самите си ги затвораме капаците, а упорно инсистираме на адресирање на вината на друга адреса. После сè, сепак станува депласирано и веќе однапред ми е јасно дека по автоматизам, во целава деформирана констелација на околности, ќе предизвика само контраефект наместо извлекување на разумот на површина. Повторно и повторно ќе загине, пустиот. Настрана фактот што тој контраефект кај нас поприми чудна форма на изблик од кој разумниот ќе онеме, а избликувачот ќе се озаби до ниво кое застрашува – не во смисла на страв од последици врз разумниот, туку во смисла на неверување дека таквите манифестации се воопшто возможни денес, кога сè е достапно, проверливо и во функција на билдање на умот. Но ете, возможни се. Цврсто верувам дека кога во едни вакви услови, во кои ужасната аргументација на маката која ја живееме, изразена во бројки наречени загуби и човечки судбини, сè уште не може да изгуби во битката со разумот и сè уште ги живееме теориите на заговор, сатанистите, чиповите, измислените болести, вакцината која сака да убие и сите други современи небулози на човечкиот ум, полека станува јасно дека секој муабет кој ќе значи барем обид за пренасочување во другата насока, каде што сите заслужуваме да живееме поинаку, е осуден на неуспех. Затоа, не.
Да говориме ли за лекарите, нашите борци од првите редови, предолго изложени на рафална стрелба во која први гинат оние најпосветените? Да дебатираме ли како се случи професионалци кои голем дел од својот живот посветиле на учење во функција на сакање на човекот, наеднаш се исподелија, посакаа да гледаат на човекот надвор од ординацијата и од удобноста на канцеларијата во која за пациентот, заради кој станале лекари, нема место? Да говориме ли за причините поради кои си одат облечени во поинакви амбиции, се чини со жалење што станале лекари и се чини, со олеснување ако успеат во тој ескејп? Да говориме ли за уморот, немоќта и болката на оние што сепак останале со нас, а да сме свесни дека се уморни, немоќни и болни токму и заради нашето однесување? За потребата да ги почитуваме повеќе поради тоа? Да говориме ли за забуната која се предизвикува кај нас, обичните смртници, кои во лекарите гледаме надеж и глас на разумот, тогаш кога еден ден ќе се каже едно, а наредниот друго? Тогаш кога еден лекар ќе брани еден став, а другиот друг, што освен продлабочување на судирот меѓу поборниците на едниот и на другиот став не дава друг ефект? Да говориме ли за причините за таквата професионална поделеност, во една специфична сфера која треба да подразбере само и само исклучиво издржано професионално единство? Цврсто верувам дека во едни вакви услови, во кои болниците повторно се преполни, а ние поделени, раскарани и празни со одговорност и разум, полека станува јасно дека просторот за оптимизам е сè потесен. Затоа, не.
Да говориме ли за причините за тактизирањето на надлежните, кои на неколку дена до истекот на продолжениот распуст сè уште излегуваат со соопштенија дека ќе заседава Кризниот штаб, кој ќе даде препораки, па ќе заседава Комисијата или по обратен редослед – не е ни важно веќе, па заклучоците ќе одат на Влада, која ќе се произнесе до крајот на неделата, за два дена, за пет дена, за......? Да говориме ли за премолчување на фактот дека училиштата кои се приклучени на гас имаат проблем со загревањето периодов и дека освен реалниот ризик од масовна ковид-инфекција, постои и опасност од настава во студени училници, ако не се обезбеди греење? Да се убедуваме ли повторно околу ставот кој се бутка како издржан – нека одат на настава, така ќе стекнат имунитет, а и мора да учат зашто инаку не учат, губејќи го од вид фактот дека не учат од сосема други причини? Оние за кои не се зборува? Да се натегаме со фактот дека вирусот е слаб, не е опасен и колку е поширок опфатот на заразување, побрзо ќе се спасиме од него? Да се обидеме да не спомнуваме колкав е бројот на децата и наставниците кои за сите други, освен за оние што ги сакаат, се секојдневна статистика на заболени? Цврсто верувам дека во услови во кои распустот непотребно се продолжи, затоа што ја имаме онлајн опцијата, а што воопшто не се постави како избор соодветен на состојбите и во услови во кои две недели по продолжувањето, состојбите се уште полоши (а што можеше да се очекува, сепак) полека станува јасно дека децата кои треба да ни се приоритет по сите основи, а особено во ваков упорно долготраен ужас, сепак го немаат тој статус. Затоа, не.
Да говориме ли за причините поради кои родителите се еднаш против дигитализацијата, потоа се против наставата со физичко присуство, потоа се против онлајн наставата, потоа се против маските кои децата според протоколите (кои во вакви услови, во едни одговорни, свесни и зрели општества се подразбираат наместо да се наметнуваат) треба да ги носат во училницата? Да говориме ли за небулозноста на аргументацијата „полни се кафулињата, само ли во училницата има ковид“, а да се осмелиме да аргументираме со фактот дека од родителот зависи дали девојче од 15 години во 4 часот наутро ќе се степа со друго девојче, на излез од кафуле или во парк? Да говориме ли за причините поради кои неоспорните општествени деформации станаа индивидуални формати на одомаќено живеење во семејствата, во кои современието подразбира немање време за оние што сме ги создале, а со самото тоа и наша борба за нив на сосема погрешни боишта? Оние од кои не се излегува како победник во името на детето. Напротив.
Да говориме ли за потребата родителот да не си го дефинира родителството така што на детето ќе му купи бесен убиец, а притоа да не го научи дека со него може да убива на пешачки премин и дека за тоа ќе носи одговорност цел живот? Цврсто верувам дека во услови во кои не се сфаќа и не се прифаќа дека општествените сколиози можат да се санираат со инјектирање индивидуални дози исправност, затоа што ние сме општеството, просторот за потребата од посочување на овој факт драматично се смалува. Затоа, не.
Да говориме ли за сите нас заедно, за причините поради кои државата која толку многу ја сакаме и браниме од сите напади, нели, секојдневно ја облекуваме во смет во невидени количини, насекаде? Да говориме ли за лицемерието со кое ја браниме земјата за која не водиме ниту ваква елементарна грижа, која во модерните, убави земји е императив и причина поради која се убави? Да говориме ли за причините поради кои во 21 век треба да се објаснува дека кесата со смет не се фрла од прозорец, дека стариот кревет не се става до контејнер во земја чие име полека станува Депонија, дека клупата во парк служи за седење во мир и тишина, а не за корнење? Цврсто верувам дека кога самите сме станале отпорни на сметот кој полека станува Ние, потребата од објаснување станува опасна, бидејќи ќе ја активира реата. Затоа, не.
Многу нешта заслужуваат да не се зборува веќе за нив, навистина. Колку и да е тежок тој факт, сепак станува полесно да одмолчуваш отколку да објаснуваш. Затоа што денес и овде, силата на аргументот губи во борбата со аргументот на силата, што и да е во прашање. Она што во целата приказна е сепак најважно, а со самото тоа и најтешко во вакви услови е фактот дека ненаоѓањето потреба за говорење е, за жал, првиот чекор за ненаоѓање решенија.