Домот (поточно дневната соба) е местото каде што се стекнуваат и од каде што тргнуваат сите навики во животот на човекот. Тие се вредности кои низ животот се носат и соодветно се практикуваат. Не се учат во континуитет, ами еднаш и траат за целиот живот. Многу е важно: КАКО и на ШТО се навикнуваме. Од навиките произлегуваат и домашното воспитание и домашната култура. Не на улица, не на театар и на кино, не на училиште, ами прва станица од која се тргнува во однос на сите навики е семејството, односно домот. Родителите се први учители кои треба правилно и одговорно да „всадат“ одговорни навики кај нивните најмили за да знаат што да очекуваат понатаму во животот. Односно, да знаат на каков пат ги извадиле нивните деца и како тој пат понатаму се оди. Дури потоа доаѓа до израз образовната средина. За жал, кај нас повеќе не постојат ни навики ни вредности. Имало и има ретки исклучоци кои се бројат на прсти. Кај нас царуваат: невоспитанието, слободата, безобразието. Ако посочиме дека едно дете е културно, разбрано, почитува, знае да сака... тоа дете за спротивната толпа ќе биде како отфрлено, односно неприфатено, од причина што не се приклучило на нивните нестекнати навики на чесно и добро однесување. Тоа постои со надеж дека работите ќе се променат и ќе тргнат во вистинскиот правец. Секогаш треба да гледаме на светлата и позитивната страна во животот. Оти така можеме да придонесеме кон пореално согледување на тоа како стојат работите и како треба да се променат. Да земеме примери од домот: пцости, караници, нервози, итн., токму тие навики се копија која се пренесува на децата и израз во секое опкружување, за разлика од домот каде што постои разбирање, љубов, смиреност... нели, разликата е голема. Додека не се поправат односите во рамките на семејството, не можеме да очекуваме висококвалитетни норми и вредности во навиките што ги покажуваме. Треба човечки да се настапува кон сите постојни идеали. Или, на пример, дете кое почитува и покажува емпатија во домот, нормално дека и на училиште ќе биде пример, како со соучениците така со наставниците и со сите што ќе ги сретне, каде и да се наоѓа. Треба да се градат вистински вредности кои ќе оставаат позитивни впечатоци.
Влијанието на зачестената употреба на социјалните мрежи, без кои не се може, од најмало до највозрасно, исто така, создава грубо кршење на моралните вредности кои се стекнуваат (се разбира, тоа го дозволуваат само оние што лесно се препуштаат и веруваат во сѐ што гледаат и читаат по екраните). Овие мрежи наметнуваат едно агресивно однесување и неконтролиран речник на изразување, за кои тешко дека ќе се најде лек. Таа е дијагноза за која постои само еден лек - свеста и волјата на поединецот. Не ни треба: насилие, вулгарен речник, некултура... ништо добро не можеме да научиме од тие лоши навики. Да се стремиме кон она што навистина го гради паметното и човечкото во сите: чисти намери, добри постапки, културно влијание... оти само така ќе можеме да ја гледаме светлината на светот (наместо депресијата која завладеала). Лично до нас е, и до нашата свест и одговорност. Никој и ништо не може да влијае врз нас ако самите не одлучиме како правилно да се однесуваме и да го третираме останатиот свет. Ако и понатаму се препуштаме на социјалните мрежи и копираме, ајде да ја наречеме нецивилизираност, тогаш дефинитивно нашиот стремеж за подобри луѓе целосно ја губи смислата на постоењето. Не е банално, туку многу реално! Во еден претходен мој текст напишав: да ги оставиме малку настрана социјалните мрежи, а повеќе да се фокусираме на добрата белетристика, да читаме, да доживуваме низ книжевните страници. Истото важи и за на училиште: настрана мобилните телефони и интернетот, а многу повеќе книгата и стекнувањето знаења. Верувам дека можеме и умееме. Само малку е потребно да се потрудиме. За искусен совет и правилна насока, никогаш не е доцна. Секогаш можеме да се промениме на подобро.
За да не се случува и понатаму, да се биде без оние елементарни навики што треба да бидат слика од домот, добро е да се води сметка за себепреиспитување и одење по правиот пат. Да запомнеме: кога еднаш, трајно и квалитетно ќе се стекнат здрави навики, така целиот живот ќе доаѓаат до израз. Домот е коренот, а неговите плодови се калем кој или ќе се фати и ќе потера или ќе се исуши. Да се надеваме дека, сепак, доброто ќе се врати и ќе надвладее, или како што е насловен и најновиот роман на нашиот писател и професор Венко Андоновски: „Папокот на светлината“. Потребна е таа светлина и секако дека ќе се врати и ќе „извира“ од душите на луѓето!
Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик