X
 11.06.2023 Живот

КОЛУМНА: Една минута

Откако знам за себе, се будев со помислата: Кому да му го разубавам денот денес!? А потоа мојот ум се впушташе во вител од идеи, па со насмевка ќе ја реализирав својата цел.

Неописливо е чувството кога ќе го видам изразот на лицето на оној кому решив денот да му го зачинам со хумор. Некој е во солзи, некој од срце се смее, друг е без зборови или не умее толку лесно да се искаже. Сепак, насмевката, бојата на гласот... кажуваат сѐ. Трет, пак, или ќе каже изнудено фала, нема да плукне ниту збор или едноставно нема ни да забележи.Звучи патетично, меѓутоа, тешко ли е, мој драг читателе, да се обрне внимание на некој што одбрал дел од своето време да ти го посвети токму тебе? Да ти се обрати, да ти посака убав ден, тоа е некој на кој си му во мислите, кога сосема лесно може да ги пренасочи кон нешто поважно, нели!? Е па, токму тоа е тоа. Ти си она НАЈВАЖНОТО за него/неа во тој миг.

Зарем е потребно да се дискутира за една минута? -Немаме време - велиме сите. А една минута е доволна.

Замислете ако Брзата помош дојдеше една минута подоцна. Ако дете кое ја преминува улицата почекаше уште само една минута. Ако од 2 сродни души, едната беше потрпелива и не се разминеа во рок од една минута. Замислете си човек кој лежи во болница и штотуку го испуштил последниот здив, а сега помислете на неговиот син, кој нервозно седи заглавен во сообраќајот, што ако стигнеше една минута порано... ќе ги видеше солзите во очите на татко му додека со последни сили го извикуваше неговото име.

Мислите дека една минута е малку? Запрете со тоа што го работите во моментов, избројте до 60. И? Малку е?
Отсекогаш застанував зад оној што го исмеваат, ризикувајќи да преземам дел од потсмевот. Секогаш отстапував часови, не минута, за секого, затоа што ЈАС сакав. Но, кога и да се завртев, местото зад мене беше празно.

Денес стојам сама пред сите, со еден тон погрешни одлуки зад себе, но со чисто срце и горда на себе. Веќе не можете да ме скршите бидејќи ја имам моќта на перото. Пред него и времето потклекнува. Мисли, пораки и чувства расфрлани на хартија, овековечени. За идните генерации да научат дека сепак е можно да се биде бесмртен.

П.С. Еден ден, сите ќе молиме за уште една минута повеќе.

Автор: Јасмина Волческа, дипломиран филолог по италијански јазик и книжевност

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот