„Нетфликс“ го објави трејлерот за филмот „Животни“ (Animals), новиот криминалистички трилер на Бен Афлек. Дејството го следи кандидатот за градоначалник на Лос Анџелес, Марк Кимбал (Афлек), и неговата сопруга Абигејл (Кери Вашингтон), чиј син е киднапиран среде политичката кампања на таткото. Киднапирањето започнува низа настани што ги откриваат тајните на брачниот пар и се закануваат со уништување не само на нивната врска, туку и на политичката кариера на Кимбал.
Бракот и моралот во средината на приказната
Бен Афлек, кој во филмот ја толкува главната улога и ја потпишува режијата, неодамна објасни дека и покрај тоа што станува збор за трилер, во центарот на приказната всушност е бракот.
- Ова е своевидна приказна за морални дилеми, но во својата суштина, искрено, зборува за бракот. Што значи да се има вистински брак? Колку блиски мора да бидете? Колку ранливи мора да бидете? - изјави Афлек.
Таа тема, според него, се проширува и на политичкиот живот на главниот лик. Една од главните идеи на филмот е начинот на кој моралот сè повеќе станува нешто што им се покажува на другите, било на социјалните мрежи или во популарната политика. Афлек додаде дека таквото јавно демонстрирање на моралноста понекогаш не се совпаѓа со начинот на кој луѓето всушност се однесуваат.
Филмот ја истражува разликата меѓу сликата што луѓето ја создаваат за себе во јавноста и она какви се кога ќе се најдат во кризна ситуација.
Киднапирањето на синот го принудува брачниот пар Кимбал на целосна искреност. Во еден момент добиваат задача: „Вие двајца, како маж и жена, мора да си ги откриете сите тајни што некогаш сте ги криеле.“
Афлек истакна дека ликовите успеваат да бидат целосно и без задршка искрени еден кон друг дури кога ќе се најдат во ситуација во која повеќе немаат што да изгубат.
Фото: принтскрин/јутјуб