Лисабон е прогласен за најсреќна туристичка дестинација во светот според „Холидеј хeпинес индекс“, истражување кое опфати 47 града во светот. На врвот на листата се најде благодарение на комбинацијата од сончева клима, здрава храна, зелени површини, можности за пешачење и други фактори кои можат да придонесат за чувството на задоволство за време на патувањето.
Кога избираме каде ќе одиме на одмор, критериумите можат да бидат многу различни - од цената и времето до храната, содржините и близината на природата. За оние на кои за време на патувањето им е важно и чувството на благосостојба, новата листа издвојува една европска престолнина.
Според „Холидеј хeпинес индекс“, Лисабон е дестинација која нуди најдобри услови за „среќен одмор“. Истражувањето анализираше 47 дестинации, земајќи ги предвид изложеноста на сончева светлина, можноста за движење пеш, физичката активност, количеството зелени површини, достапноста на здрава храна и квалитетот на сонот.
Анализата е спроведена со стручна поддршка од Натали Датило-Рајан, клинички психолог поврзан со Универзитетот „Харвард“ и специјалист за холистички пристап кон среќата.
Храна, зеленило и сонце како рецепт за добар одмор
Еден од факторите по кои Лисабон посебно се издвои е храната. Според резултатите од истражувањето, речиси 10 отсто од рестораните во главниот град се во категоријата на здрава исхрана, што е втор најголем удел меѓу градовите опфатени со индексот.
Авторите на истражувањето ја наведуваат и разновидноста на понудата, како и релативната пристапност на храната. Од свежа риба и морски плодови до традиционални таверни, во Лисабон, според нивната процена, можно е квалитетно да се јаде без големо оптоварување за буџетот.
Градот високо котира и кога станува збор за движењето пеш. Иако е познат по стрмните улици и нерамниот терен, неговата релативно компактна структура овозможува голем дел од градот да се истражува без автомобил.
Близината на природата претставува уште една предност. Плажите во Каскаис и Коста да Капарика се оддалечени помалку од еден час со јавен превоз, па жителите и посетителите релативно брзо можат да ги заменат градските улици со брегот на Атлантикот.
Тука е и еден прилично очигледен фактор, а тоа е сонцето. Лисабон годишно има околу 2.828 часа сончева светлина, што според авторите на истражувањето е еден од елементите што можат да придонесат за подобро расположение.
- Лесно е да се разбере зошто овој град може позитивно да влијае врз нашето расположение - се наведува во заклучоците од истражувањето.
Генералниот директор на Туристичката организација на Лисабон, Антонио Вале, истакна дека градот се разликува од другите дестинации токму по различните начини на кои посетителите можат да го доживеат и истражат, со зачувување на карактеристиките што го прават препознатлив.
Европските градови доминираат на листата
Лисабон не е единствениот европски град на врвот на листата од „Холидеј хeпинес индекс“. На второто место се наоѓа Хелсинки, кој посебно се издвои по зелените површини, мирот и можноста за престој во природа.
Според истражувањето, Хелсинки има околу 126 квадратни метри зелени површини по жител. Градот се издвојува и по безбедните улици, ефикасниот јавен превоз и можноста голем дел од градот да се обиколи пеш.
Третото место го зазеде Орландо во САД. Покрај големите туристички атракции, како Дизниленд и „Јуниверзал студиос“, авторите на индексот ги истакнуваат неговите паркови, езера и големиот број сончеви часови. Орландо годишно има околу 2.930 часа сончева светлина.
Од четвртото место па натаму, листата е целосно европска. Следуваат Атина, Единбург, Мадрид, Виена, Будимпешта, Осло и Вилнус и со тоа завршуваат десетте водечки дестинации.
Резултатите покажуваат дека идејата за „добар одмор“ не се сведува само на атракциите што ги нуди градот. Според критериумите на ова истражување, достапноста на природата, можноста за движење, здравата храна, сонцето и условите за одмор, исто така, можат значително да влијаат врз искуството од патувањето.
Извор:
BIZlife.rs
Фото: Magnific