X
 11.10.2026 Живот

Жителите на Берлин со помош на апликација им помагаат на градските дрвја да преживеат

Жителите на Берлин преку апликацијата и проектот „Наводнувај го својот крај“ (Gieß den Kiez) на организацијата „Сити ЛАБ Берлин“ можат да дознаат на кои дрвја им е неопходно наводнување.

Интерактивната мапа следи повеќе од 900.000 стебла низ Берлин и ги пресметува потребите на секое од нив за вода врз основа на староста, видот и количеството врнежи во тоа подрачје.

Токму тие податоци за наводнување во реално време го издвојуваат овој проект од другите мапи на дрвја во светот и им овозможуваат на волонтерите да се координираат на ниво на целиот град.

Преку апликацијата може да се види кога дрвото било последен пат наводнувано и да се забележи секое ново наводнување, а системот на бои ги означува стеблата на кои водата им е итно потребна. На пример, младите садници немаат развиен коренски систем како возрасните стебла, па за опстанок им е потребно почесто наводнување.

Исто така, апликацијата нуди совети за правилниот начин на наводнување, собирањето дождовница и локациите на берлинските пумпи за вода.

Една од корисничките на апликацијата е и Аманда Глечер-Блај од берлинската населба Шарлотенбург. Благодарение на апликацијата, таа точно знае колку пати треба да ја наводнува липата за која се грижи.

- Многу е забавно, речиси како видеоигра. Мислам дека многу луѓе сакаат да ги наводнуваат дрвјата, но можеби им е непријатно или не се сигурни дали тоа е нивна обврска. Кога на тоа ве поттикнува ваква апликација, знаете дека ја правите вистинската работа - вели Глечер-Блај.

Проектот се спроведува од 2020 година, а платформата во моментов ја користат 12.000 регистрирани волонтери. Нивниот придонес е дополнување на работата на градските служби задолжени за одржување на улиците и зелените површини, кои веќе наводнуваат илјадници стебла.

Извор: 021.rs
Фото: Pixabay

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот