X
 24.10.2019 Живот

Сингапур е речиси идеална држава - има ниска корупција, а јавниот сектор е ефективен

Сингапур има најотворена и најконкурентна економија во светот. Но, што значи тоа и како другите земји да го следат неговиот успех?

Светскиот економски форум го објави новиот Извештај за глобална конкурентност, во кој Сингапур има 85 од можни 100 поени и се најде на врвот пред САД, Хонг Конг, Холандија и Швајцарија. Сингапур доби повеќе од 90 бода во четири од 12 категории што се користат за рангирање на 141 земја и во сите области бил подобар од просекот на ОЕЦД.

- Ова се резултати на балансирани и силни перформанси во сите полиња. Сингапур е близу до идеална држава во многу подрачја како што се инфраструктурата и здравството - вели Тиери Гигер, раководител на одделот за аналитика, квантитативно истражување, глобална конкурентност и ризик во Светскиот економски форум.

Анализирајќи повеќе од 100 индикатори за конкурентност, Светскиот економски форум сака да ја открие тајната на најуспешните и да покаже во што се најдобри и да ги поттикне другите да учат од нив.

Инфраструктурата е област во која Сингапур е особено успешен, со врвни патишта, пристаништа и аеродроми. Тој е прв кога станува збор за здравството затоа што просечниот граѓанин може да очекува 74 години здрав живот. Исто така, Сингапур постигна добри резултати во финансиската стабилност и квалитетот на јавните институции, област каде што се најде на второто место, веднаш зад Финска.

2
Фото: Global Competitiveness Report 2019

Сепак, има простор за подобрување, особено кога станува збор за можностите Сингапур да стане центар за иновации, да се подобри деловната динамика и да се развијат вештини како што е критичкото размислување за да се подготви работната сила за утрешниот свет. Најниски резултати Сингапур постигна за големината на пазарот и вештините.

Гигер ја нагласи и слободата на медиумите како подрачје што може да се подобри, додавајќи дека Сингапур е релативно мал град-држава и дека нуди одлични лекции за другите земји што сакаат подобар пласман.

- Сингапур е исклучително добро управуван. Корупцијата е многу ниска, јавниот сектор е исклучително ефикасен, а владата има долгорочна визија и капацитет за промени. Ова се некои од работите што би можеле да ги инспирираат другите - вели Гигер.

Што е конкурентност?

Светскиот економски форум, кој ја следи конкурентноста на земјите од 1979 година, ја дефинира конкурентноста како збир на институции, политики и фактори што го одредуваат нивото на продуктивност на една земја. Постојат и други дефиниции, но најчесто сите тие го вклучуваат зборот „продуктивност“.

2
Фото: Global Competitiveness Report 2019

Глобалниот извештај за конкурентност е алатка што им помага на владите, приватниот сектор и граѓанското општество да работат заедно за да ја зголемат продуктивноста и да создадат просперитет. Компаративната анализа на земјата им дозволува на водачите да проценат кои области имаат потреба од зајакнување и да создадат координиран одговор. Исто така, помага да се идентификуваат најдобрите практики во светот.

Глобалниот индекс на конкурентност ја формира основата на извештајот. Ги мери перформансите наспроти 114 индикатори што влијаат врз продуктивноста на една нација. Најновиот број опфаќа 141 економија, или 98 отсто од светскиот БДП.

Резултатите од земјите се засноваат пред сè на квантитативните наоди од меѓународно признати агенции, како што се Меѓународниот монетарен фонд или Светската здравствена организација, со додавање квалитативни процени од економски и социјални експерти и високи корпоративни директори.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот