X
 11.11.2024 Наша тема

„Никогаш не ги делам учениците на Ромчиња и Македончиња, тие се мои деца“, вели наставничката Наташа Тодоровска, која со години посветено работи против сегрегацијата во образованието

Сите ученици ги вклучувам во сѐ. Не издвојувам деца на приредба. Ќе изберам точка со активност во која секое дете ќе се пронајде, секое дете ќе има дел од драматизација, песна, водителство, без разлика дали знае да чита солидно или дали е со петки или со тројки. Нема фаворизирање, вели Наташа

- Училиштето „Ѓорги Сугарев“ во Битола е мој втор дом - вели Наташа Тодоровска, одделенски наставник и наставник-ментор, која 28 години предава во училиштето каде што претежно се запишуваат дечиња Роми. Со години се бори што поголем број Ромчиња да седнат во школските клупи, а истовремено и против сегрегацијата, нивно издвојување во чисто ромски одделенија, зашто учениците од другите националности заминуваат во други училишта. Тодоровска е наставник на единствата паралелка во прво одделение каде што покрај Ромчиња учат и Македончиња. Другите три паралелки во школото се исклучиво ромски. Во ОУ „Ѓорги Сугарев“ учат 558 Роми, а само 55 Македонци.



- Во овие 28 години никогаш не сум нагласила дека ние сме различни. Јас велам тие се моите деца. Секое дете го сметам како мое и децата не ги делам по никаква основа. Сите ученици ги вклучувам во сѐ. Не издвојувам деца на приредба. Ќе изберам точка со активност во која секое дете ќе се пронајде, секое дете ќе има дел од драматизација, песна, водителство без разлика дали знае да чита солидно или дали е со петки или со тројки. Нема фаворизирање. Ако некаде нѐ поканат, бараат пет-шест деца да одат, јас им велам или сите или не доаѓаме. Не користам зборови Македончиња, Роми, освен кога имаме наставна единица за етничките заедници. Кај мене нема таква поделба, сите се мои сугарчиња (јагне или јаре) - вели Тодоровска.

Со учениците некогаш се описменуваат и родителите

Одделенските наставници се борци. Таа и колешките оделе од врата на врата за да ги соберат Ромчињата во реонот што не биле опфатени со образованието.

- Заедно со колешките од одделенска настава како да сме скроени да работиме во тоа училиште, зашто прво треба да имаш емпатија. Сретнувавме неинформирани, необразовани родители. Она што го видовме никогаш нема да го заборавиме. Деца на поодмината возраст кои не дошле во школо. Од оние услови во кои живеат, некои доаѓаат од подалеку, од оние неурбанизирани средини, да дојдат на настава навреме, тоа е успех. Кога ги учиме да ја напишат буквата а, некогаш дома и нивните родителите учат да пишуваат. Таа слика не можеме да ја заборавиме - додава Тодоровска.



Чест ми е некој да ми го посети часот

Во нејзиното одделение има и дечиња со попреченост. Вели дека сите се едно големо семејство.

- Во паралелката има и дете со аутистичен спектар и дете со Даунов синдром, па доаѓа и образовен асистент и баба која седи пред врата зашто едно детенце кое е многу солидно уште не се охрабрува да седи само. Тоа не ми пречи зашто чекам децата да се чувствуваат комотно во училницата и не ми пречи кога имам надворешни лица на час. Мене секогаш ми било чест некој да го посети часот, дури и ненајавено зашто секогаш сум подготвена - вели наставничката.

А подготовките, креативниот начин на предавање, презентациите, креирањето материјали, прирачници, менторства значи работа 24/7.

- Планирањата за она што ќе го работам ги правам за викенд. Правам 20 сценарија за неделата, разни презентации. Викендот ми е работен за да можам во текот на неделата да работам релаксирано. На работа сме 40 работни часа неделно, но од дома работиме многу повеќе, по цел ден сум на компјутер - вели Тодоровска.



За добротворните акции нема фалење

Со колешките често прават и добротворни акции преку кои обезбедуваат облека и ранци за учениците, но за тоа никогаш не се фалат. Дури и облеката и обувките од нивните деца им ги донираат на учениците, само да се сочувани и чисти. Тодоровска пред неколку години на интернет напиша: „Вашиот стар ранец за некого ќе биде нов“, по што следуваше голем одѕив на граѓани кои донираа. Собраа над 150 ранци, а компанија од Битола обезбеди 50 нови ранци со прибор за учениците. Тодоровска ги поделила донациите во другите паралелки зашто во нејзината имаа. Вели дека тие ранчиња не завршија на друго место освен на раменцата на учениците.

За секоја генерација креира фејсбук-група, која всушност е албум за спомени. Во неа ги прикачува фотографиите од активностите на учениците. Така родителите и децата имаат албум од прво до деветто одделение. Од првиот училиштен час до последниот во основно. И учениците и родителите ја паметат. Ја посетуваат дури и по многу години откако ќе заминат од училиштето.



Наставничке, до факултет да ме учиш, ќе го завршам

- Се радувам на секој ученик што продолжил на факултет, но и на оние со средно што успеале. Сите ми се пријатели дури и кога се во странство. Има еден Ашим кој е во Австралија. Ми имаше речено: „Наставничке, до факултет да ме учиш, ќе завршам.“ Мораше да го прекине школувањето оти тогаш се купуваа книги. До 5-6 одделение му наоѓав книги. При секое доаѓање од Австралија, таму е веќе успешен фризер, ме посетува на училиште. Тој ми е пример за големина на човек иако не завршил факултет - вели Тодоровска.

Се присетува и на Денис Арслановски, кој денес работи како правник во Центарот за социјални работи во Битола. Му предавала само еден месец на замена, но тој секогаш кога ќе ја сретне ѝ вели: „Ти си наставничката што ми остави најдобар впечаток“. Ги споменува и Бенџамин, Амир и Таркан, кои сега се втора година во средно, а многу читале лектири и најубаво раскажувале.



Претседател на Здружението „Учител на РСМ“

Своето богато искуство како просветен работник денес го споделува преку менторската работа со други наставници. Се истакна како едуино-амбасадор со снимени 19 видеолекции за поддршка на учениците за време на ковидот, автор е на едуино-игри за ран детски развој, национален обучувач на новата концепција за основно образование за одделенска настава. Понатаму, обучувач по математика за програмите по Кембрич од прво до петто одделение, коавтор на вежбанки по македонски јазик, прирачници по физичко и здравствено образование, рецензент на учебници и претседател на Здружението на одделенски наставници„ Учител на РСМ“.



- Кога почна новата концепција за основно образование во 2021 година, слушнав дека има дебати, но од одделенска настава никој никогаш не нѐ претставува, а секогаш сите реформи почнуваат од нас. Направив еден повик наменет за учители од одделенска настава. Во рок од 4 дена групата порасна на 4.000 наставници, иако не ме познаваа. Новата концепција објавена на 54 страници ја поделив во 10 документи за да биде полесна за читање и побарав мислење од колегите. Го формиравме здружението на одделенски наставници. Во време на корона, со наши средства, парите и документите со потписи патува по карго. Јас го регистрирав со 17 основачи од повеќе градови низ државата. Сега имаме над 100 координатори од училишта, над 700 наставници, многу обуки, семинари - вели Тодоровска.



Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема