Се смета за професија на иднината зашто нема индустриски процес кој денес не вклучува мехатронички систем, затоа и интересот за студирање постојано расте, вели Пашиќ
Интересот за студирање на студиската програма по мехатроника на Техничкиот факултет во Битола континуирано расте со оглед на тоа дека ова е креативна професија и за овие дипломирани инженери нема зима за вработување. Раководителот на студиската програма, проф. д-р Роберто Пашиќ, вели дека не постои невработен дипломиран инженер по мехатроника. Тоа се должи на фактот дека развојот на која било индустриска гранка е незамислив без примената на мехатрониката, која пак е интердисциплинарна област што опфаќа множество вештини потребни во денешната автоматизирана индустрија. Се работи за сублимат од електротехника, машинство и информатика. Современата индустрија е незамислива без примена на мехатронички системи.
- Мехатрониката е професија како на денешницата така и на иднината. Автомобилската индустрија, авиоиндустријата и медицината се само дел од областите на примена на мехатрониката. Роботиката е само сегмент во мехатрониката. Електромеханички и контролни системи преку примена на различни сензори и актуатори (извршни елементи) управуваат различни индустриски процеси. Најголемо признание е фактот дека не постои невработен дипломиран инженер по мехатроника. Компетенциите со кои се стекнуваат нашите студенти се препознаени од пазарот на трудот - вели Пашиќ.
Проф. д-р Роберто Пашиќ
Пракса и вработувања во автомобилската индустрија
Пашиќ истакнува дека оваа студиска програма, како и други на Техничкиот факултет, е креирана во координација со потребите на работодавците.
- Студентите на студиската програма по мехатроника прво имаат пракса во лабораториите во рамките на Техничкиот факултет - Битола. Секако дека стопанството, особено странските инвестиции што работат во секторот автомобилска индустрија, овозможуваат пракса која е придружена со студентски стипендии кои завршуваат и со работно ангажирање по дипломирањето - вели Пашиќ.
Студентите на студиската програма мехатроника стекнуваат солидни знаења за дизајн, проектирање, изработка и одржување на мехатронски производи, машини и постројки со помош на компјутерско програмирање и технологија.
Уште во 2011 година беше поднесено првото барање за акредитација на студиската програма по мехатроника на Техничкиот факултет при Универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. Студиската програма произлезе од TEMPUS проект наречен „Development of Regional Interdisciplinary Mechatronic Studies – DRIMS (Развој на регионални интердисциплинарни мехатронски студии). Иако ова не е машка професија и иако од година на година расте бројот на студенти, малку припаднички на понежниот пол се охрабруваат да студираат на неа.
- Интересот за студирање континуирано расте, но морам да истакнам дека е мала застапеноста на студентки, што е воопштена слика за сите технички науки - додава професорот.
Современи лаборатории со многу опрема, како и роботска рака
Успешноста на оваа програма е препознаена и надвор – таа е официјален партнер на Texas Instruments University Program - меѓународна програма посветена на поддршка на инженерските едукатори, истражувачи и студенти во светот. Со нивна помош беше опремена најсовремената лабораторија на Битолскиот универзитет, како и на други високообразовни институции. Остваруваат и активна соработка со National Instruments, Mikroe, Igus, Agilent...
- Техничкиот факултет во Битола има 10 современо опремени лаборатории, од кои една е и лабораторијата по мехатроника. Како официјални партнери на Texas Instruments University Program, лабораторијата е опремена со врвни тренажни системи од TI, огромен број на мерно-аквизициска опрема, сензори и актуатори, роботска рака, хуманоиди, симулатори и сето ова проследено со лиценцирани софтвери од TI, NI и Mikroe. Лабораторијата овозможува развој на мехатронички системи од идеја, преку изработка на прототип до финален производ директно применлив во реални услови - додава Пашиќ.
За понатамошен развој на овие студии, главниот фокус ќе биде ставен на следење на трендовите и потребите на индустријата, адаптација на студиската програма согласно барањата на индустријата и уште поголема застапеност на практичната работа на реални проекти.
Фото: приватна архива