Екипа составена од четири истражувачи отпатувала за Куре, оддалечен атол во Тихиот Океан, на повеќе од 2.000 километри од Хонолулу, Хаваи, во февруари.
Кога се вратиле на Хаваите, светот бил сосема поинакво место - опустошен од вирусот и
пандемијата што затвори еден куп бизниси, ги преоптовари здравствените системи и постави нови правила за физичко дистанцирање и носење маски за лице.
Во текот на осуммесечниот престој на атолот, екипата немала телевизор, немала мобилен и имала ограничен пристап до интернет. Тие се потпирале на повремени е-пораки од пријатели и семејствата за да останат во чекор со надворешниот свет.
- Дефинитивно имав слушнато нешто за вирусот. Но, меѓу другите болести како САРС и свинскиот грип, си помислив: „Ништо големо“. Мислев дека ќе помине додека да се вратиме дома - вели 26-годишниот Метју Бутшек.
Но, очигледно згрешил.
Престој на остров што е дом на илјадници птици, но не и на луѓе
Атолот Куре се протега на 6 километри и се наоѓа на работ на ненаселените северозападни хавајски острови. Станува збор за засолниште на диви животни управувано од министерството за земјиште и природни ресурси на државата Хаваи. Таму живеат стотици морски птици и загрозени фоки, но ниту еден човек.
Секоја година се испраќаат по две екипи за да го истражуваат екосистемот на островот. Екипите помагаат во одржувањето на засолништето на дивиот свет. Ги собираат отпадоците, се грижат за многу птици што се загрозен вид и отстрануваат растенија што предизвикуваат хаос на атолот.
Водачот на најновиот екипаж, Метју Заунтер, бил на островот девет пати. Тој вели дека истражувачите што се пријавуваат како волонтери се привлечени од ветувањето за целосна изолација.
- Добиваме пораки два до три пати во текот на денот. Дефинитивно тоа ги привлекува луѓето - вели тој.
Овој екипаж требало да замине за атолот во март за да го замени претходниот екипаж, но претходниот екипаж завршил порано, во февруари. Затоа тие заминале порано но и останале еден месец подоцна отколку што првично требало и биле заменети од наредната екипа на крајот на октомври. Екипажот имал само една е-адреса каде што пријателите и семејствата можеле да ги контактираат. Тоа бил единствениот пристап до интернетот.
- Навистина се чувствувавме дека сме многу далеку - вели Чарли Томас, 18-годишен член на екипажот.
- Имав видено само нешто во вестите. Се сеќавам дека во февруари кога летав за Хонолулу, истовремено пристигна уште еден лет од Јапонија. Сите во авионот носеа маски - раскажува тој.
Во пораките што ги добиле од семејствата и пријателите пишувало што се случува во светот. Но, да се слушне за пандемијата е многу поразлично отколку да се доживее.
Тие воопшто не знаеле што ги очекува кога ќе се вратат дома.
Сега Томас, единствениот член на екипажот кој не е од САД, конечно е со семејството по 14-дневниот карантин во хотел што му го наложија властите од Нов Зеланд. Заунтер и четвртиот член на екипажот - Наоми Ворчестер останале на Хаваите, додека Бутшек е во Тексас со семејството. Тексас е првата држава што достигна еден милион случаи минатиот месец.
- Мислам дека уште учам за деталите. Но, за среќа, никој што го познавам, ни од пријателите ни од семејството, немал Ковид-19 - вели Бутшек.
- Сето тоа е прилично чудно. Среќен сум што јадам одлична храна. Но, не сум имал ниту една прегратка откако се вратив - вели 43-годишниот Ворчестер.
Иако екипажот само што влезе во свет кој се соочува со светска здравствена криза, истражувањето на островот мора да продолжи.
- Почнувањето на процесот на планирање беше навистина предизвик. Но, во моментов сме во потрага по нашиот следен тим - вели Заунтер.
Извор:
Edition.cnn.com
Фото:
Instagram |
Wikipedia