Неколку пати се случи играта да се растури, да нема победник. Но, токму тоа беше и целта, да им посочам дека во животот треба да се борат со предизвиците што им следуваат, вели Лазаров за дружбата со своите деца
По прогласувањето на пандемијата на коронавирусот во Франција,
Кирил Лазаров решил со семејството да остане во Нант, Франција, каде што игра за тамошниот ракометен клуб со исто име. Периодот на изолација му дозволува повеќе време за одмор и дружење со сопругата Љубица, синот Благојче (14) и ќерката Лана (12).
Физичката кондиција ја одржува секој ден, колку што му дозволуваат условите во домашна атмосфера. И во овие тешки времиња, иако е далеку од својата земја, помислува на својот народ, особено на луѓето што живеат во неговиот роден град Свети Николе. Лазаров донира средства за помош на тамошната болница.
Франција е една од најпогодените земји од коронавирусот. Каква е состојбата во Нант, има ли голем број заразени?
- За разлика од другите градови, Нант е можеби еден од најнепогодените од коронавирусот. Многу повеќе случаи има во Централна, Јужна и во Источна Франција.
Кои законски мерки и препораки ги презеде тамошната влада? Конкретно Вие, на што моравте да се приспособувате?
- Повеќе од шест недели сме во домашен карантин. Мерките се доста строги, меѓутоа, во најголем дел се почитуваат, со мали исклучоци. Имаме можност еднаш во денот да бидеме надвор од своите домови за различни потреби. Пред да излеземе пополнуваме формулар во кој наведуваме место, датум, час и секако потребата поради која излегуваме од дома. Најмногу можеме да се оддалечиме од 500 до 1.000 метри од местото на живеење.
Си го запознав семејството многу подобро, особено децата
Изборот да останете во Нант по појавата на пандемијата беше Ваш или беше сплет на околности?
- Од клубот нè известија 48 часа пред да стапат во сила мерките за борба против вирусот. Бидејќи имаме доста интернационалци во клубот, секој можеше да одбере и одлучи што ќе направи. Некои од играчите одлучија да се вратат во своите земји. Ние одлучивме да останеме од повеќе причини и мислам дека донесовме добра одлука.
Карантинот со подолг временски рок негативно влијае врз формата, особено кај спортистите, со оглед на тоа што речиси секој ден е исполнет со тренинзи и одржување на физичката кондиција. Како се соочивте со овој момент на принудно повлекување и седење дома, кој првпат Ви се случува во кариерата?
- Сите се соочуваме со истите проблеми.Треба да се биде приспособлив и позитивен во целата ситуација. Дури сега увидов дека сум бил и малку уморен од годините играње ракомет на високо ниво, каде што деновите за одмор се броени во текот на една сезона. Го прифатив позитивно и го сфатив како еден рестарт и нов почеток по завршување на пандемијата. Не поминувам без тренинг. Напротив, ја одржувам физичката форма во домашни услови колку што тие ми дозволуваат, меѓутоа, со многу помал интензитет од вообичаениот. За играчи во мои години овој тип одмор е добредојден.
Лазаров вежба дома
Сега имате многу повеќе време да го посветите на семејството и домот. Што најчесто правите за да Ви помине денот побрзо?
- Да бидам искрен, си го запознав семејството многу подобро, особено децата. Иако мислев дека ги познавам доволно, не сум бил во право. Деновите ни поминуваат многу брзо. Секој си има свој план и рутина како да му помине денот. Најинтересно и најбурно е кога играме „Не лути се, човеку“. Јас сум човек што не сака да губи, но имаше и такви ситуации. Но, со мојот пристап кон играта и желбата за победа мислам дека успеав да им ги наметнам на децата ентузијазмот и победничкиот менталитет. Неколку пати се случи играта да се растури, да нема победник. Но, токму тоа ми беше целта, да им посочам дека во животот треба да се борат со предизвиците што им следуваат.
Со ќерката и синот
Каде се крие Вашиот потенцијален наследник во ракометот, кај синот Благојче или ќерката Лана?
- Тие сами ќе си го изберат својот пат. Во животот не можеш ништо да направиш или да создадеш насила, тоа е непишано правило. Јас сум тука како родител да им ја дадам основата, а за другото сами ќе си одлучуваат и ќе се борат. Само така можат да бидат успешни. Имаат добра генетика за спорт. Тоа е добар предуслов, да бидат успешни, доколку се одлучат да се занимаваат со спорт. Меѓутоа, најмногу ќе зависи од нив.
ЕХФ ги одложи нокаут-фазите за „Фајнл фоур“. Речиси во сите европски земји не се одржаа првенствата докрај. Како короната ќе го смени ракометот во иднина? Ќе биде ли исто како порано?
- Ќе се сменат многу работи, не само во спортот. Штета што спортот ќе биде доста погоден од оваа пандемија. Мислам дека за кратко време ќе се врати на старите патеки и ќе биде уште поквалитетен. Старите велат - секое лошо за добро е. Тоа не е случајно кажано. Во секој случај, и ние спортистите живеевме многу динамичен живот, што не е реален. Се надевам дека сето ова ќе не забави малку и ќе нè направи нас, спортистите, уште поквалитетни луѓе, што е и суштината на целото општество.
Поради пандемијата, нема да играме бараж со Франција за пласман на Светското првенство во Египет 2021. Тоа значи дека Франција директно се пласира на мундијалот. Очекувате ли македонската ракометна репрезентација да добие вајлд-карта, односно покана сепак да биде дел од овој глобален спортски настан?
- Треба да ја разбереме одлуката на надлежните од ИХФ и да ја прифатиме со оглед на целата ситуација. Нашата репрезентација во последната деценија е препознатлива по многу работи во европскиот и во светскиот ракомет. Можеме да наброиме многу работи со кои треба да се гордееме. Искрено, очекувам да добиеме вајлд-карта затоа што доколку постојат такви покани, ние сме во првите редови со квалитетно сиви за да ја добиеме.
Еден од предлозите е во иднина да се игра пред празни сали. Како тоа може да влијае врз квалитетот на играта?
- Има различни предлози кои се опција, доколку потрае оваа пандемија. Спорт без публика и навивачи не е спорт. Барем ние, Македонците, сме препознатливи по тоа. Постојат клубови што без продажба на билети, кои им се неопходни за полнење на буџетот, тешко би опстојувале во еден ваков расплет. Се надевам дека полека, но сигурно оваа пандемија ќе биде само едно минато и ќе почне сè нормално да функционира со многу поголема свест и меѓусебно почитување и обединување.
Лазаров со сопругата Љубица
Млади и талентирани ракометари се дел од Вашиот ракометен клуб КЛ7, кој за кратко време постигна одлични резултати. Како тие се соочија со новонастанатата ситуација во ракометот?
- Тие се најмногу погодени. На младите останува иднината. Самиот проект е инвестирање во нашата квалитетна македонска младина. Тренажниот процес за нив е најбитен, во нивната возраст, за разлика од мене, бидејќи ми треба повеќе одмор. Веќе два месеца не се во потребниот тренажен процес, но како што реков, како за сите, така и за нив. Ќе го надополнат сето тоа во подобри времиња, односно во блиска иднина.