X
 11.12.2020 Економија

Игор Лештар, основач на „Сеавус“: Секој предизвик беше мотивација плус да се отиде чекор понатаму

Неодамна компанијата „Сеавус“ беше купена од нaјголемиот ИКТ-холдинг во Чешка, групацијата „Арикома“, која е дел од ККЦГ-групацијата на Карел Комарек. За развојот и растот на „Сеавус“ во изминатите две децении, до ниво на компанија која привлекува стратешки инвеститори, како и за идните планови за компанијата за меѓународна експанзија, во интервју за порталот А1.он зборува основачот на „Сеавус“, Игор Лештар.

Лештар ја основа компанијата „Сеавус“ во 1999 година, заедно со уште еден партнер, со визија, како што вели тој, да стане лидер во ИКТ-индустријата и да ги прошири своите операции на меѓународно ниво.

- Патот беше долг и тежок, предизвиците огромни, но лично, никогаш не ме напушти визијата. Напротив, секој предизвик беше мотивација плус да се отиде чекор понатаму. Почнавме речиси со ништо, само со свои лични компјутери. Првиот клиент ни беше од Шведска, кој ни даде ангажман за малиот тим ентузијасти што ги имавме. Потоа веќе почнавме да се екипираме во секој поглед и така почна „Сеавус“ да се развива и да се гради во она што е денес. Успехот секако подразбира и многу одрекувања и жртвувања. Сè што заработував вложував во компанијата, ризикував многу, но така учевме, растевме и созревавме. И вредеше – потенцира Лештар.



Денеска „Сеавус“ е успешна компанија која вработува 800 ИТ-специјалисти низ светот, со петнаесет оперативни канцеларии лоцирани во неколку земји, вклучувајќи ги Шведска, САД, Македонија, Белорусија, Молдавија, Швајцарија, Србија, Босна и Херцеговина. Компанијата нуди широк спектар на софтверски производи, решенија и услуги, а во портфолиото на „Сеавус“ се вбројуваат над 4.000 клиенти, меѓу кои светски телеком-оператори и производители на мобилни и електронски уреди, организации од банкарскиот и финансискиот сектор, технологија, образование, здравство, итн. Вредноста на „Сеавус“ се луѓето во неа, нивната желба за надградба и амбициозност за успех, кои „Сеавус“ како компанија им ги овозможува за заемна реализација на целите.
Лештар истакнува дека по 21 година работење, можеби е еден од ретките во Македонија од приватниот сектор што успеале бизнис кој го основале од нула да го развијат до степен на продажба на странска компанија вредна 6 милијарди евра.
- Компанијата „Сеавус“ достигна степен на развој кој треба уште повеќе да се надградува за поголема интернационална експанзија. За тоа му е потребно окрупнување и му е потребен еден многу посилен финансиски партнер кој може да го однесе „Сеавус“ на следното, повисоко ниво на развој. Затоа и бевме атрактивна можност за потенцијалните купувачи. Што се однесува до одлуката за продажба, станува збор за бизнис-одлука која се темели на сериозни анализи. Продажбата отвора нови перспективи за „Сеавус“, за вработените, за новиот сопственик „Арикома“ групата на компании, што за „Сеавус“ ќе значи понатамошен напредок. Длабоко сум убеден дека заедно со силен стратешки партнер како „Арикома“ ќе ги забрзаме иновациите и уште повеќе ќе ги зајакнеме нашите позиции. Тоа практично ќе ни овозможи да одговориме на предизвиците на новото време, да понудиме иновативни и квалитетни услуги и софтверски решенија од следната генерација за нашите клиенти. Уверен сум дека, како тим, имаме капацитет да додадеме дополнителна вредност на нашиот стратешки партнер и да придонесеме кон успешната приказна на „Арикома“ и „Сеавус.“ – истакнува Лештар, кој останува заедно со раководството на „Арикома“ понатаму да го развива Сеавус.

Покрај „Сеавус“, во бизнис-портфолиото на Лештар во Македонија се и други компании и бизниси, а се осврнува и на новите идеи на чија реализација интензивно работи, со цел по примерот на „Сеавус“ да придонесе за вработувања и развој на нови кадри во земјата.
- Ќе продолжам да инвестирам во мојата држава бидејќи сакам да напредува и да ја видам економски силна и стабилна – потенцира Лештар.

Тој ги охрабрува младите да преземат ризик и да бидат истрајни во своите заложби за развој на нови бизниси. Лештар им порачува на младите претприемачи: „Финансиската поддршка за секој бизнис е клучна, но таа доаѓа во оној момент откако вие самите сте се вложиле, сте ризикувале, сте паднале неколку пати и сте се исправиле на нозе. Тој процес на падови и исправање на нозе го гради вистинскиот претприемач, тоа е духот на претприемништвото и мојата порака до сите млади е да го изодат тој пат. Да не се трудат да започнат бизнис со нула ризик, бидејќи ризикот е тој кој нè тера да се будиме и легнуваме со мислата како утре да бидам подобар, како да го подобрам мојот производ или услуга, како да ја зголемам продажбата. На тој начин се градат лидери, на тој начин се градат цврсти и сигурни личности кои знаат точно која е цената на успехот и понатаму може да бидат пример и поттик за своите вработени и да создаваат нови лидери и претприемачи.“


(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија