X
 20.10.2017 Технологија

Тестерите се инженери во вистинска смисла на зборот

Тестерите можат да пронајдат игла во стог сено со користење на соодветно решение или алатка наменета за пронаоѓање на иглата. Тоа се лица кои имаат познавање од концептите на програмирање, работа со бази на податоци, работа со најразлични оперативни системи, вели Ѓоре Захарчев, координатор за контрола на квалитет во Сеавус



Што всушност претставува тестирањето на софтвер односно контрола на квалитет?
Контролата на квалитет е дел од производствениот процес на софтверски решенија, но тестирањето е засебна гранка во ИТ индустријата, која е различна од програмирањето, и оттука, кадрите кои се градат во оваа област имаат посебен развој на кариера. Попрецизно, тестирањето на софтвер е збир на алатки и техники во комбинација со соодветни знаења и вештини на тестерот кои доведуваат до откривање на најраните аномалии во одредено софтверско решеније и имаат за цел да спречат понатамошни проблеми и загуба на средства, протекување на информации и слично, за лицата кои го нарачале софтверот или нивните корисници. Во исто време се посветува внимание на самиот изглед на софтверското решение и тежината на пристапот, бидејќи денешните решенија не се повеќе наменети за одредена целна група која ќе биде тренирана за користење на софтверот туку целна група е обичниот човек кој има пристап до интернет преку телефон или компјутер.

Кои се карактеристиките кои опишуваат еден Софтвер тестер?
Пред се тоа е лице кое може да пронајде игла во стог сено, но не преку пребарување сламка по сламка, туку со користење на соодветно решение или алатка наменета за пронаоѓање на иглата. Тоа се лица кои имаат познавање од концептите на програмирање, работа со бази на податоци, работа со најразлични оперативни системи и сл. Тоа се инженери во вистинска смисла на зборот.

Кои се предизвиците со кои секојдневно се соочуваат лицата кои се занимаваат со контрола на квалитетот на софтверските решенија односно тестерите?
Па тука би напоменал работа во мешани тимови составени од програмери и тестери како и програмери за бази на податоци и бизнис аналисти, секојдневна комуникација со клиенти, учење на нови работи, можност за да се менторира и да се биде менториран, употреба на алатки и „платформи“ за автоматизирано тестирање, споделување на знаење, градење на знаење во одреден домен за потребите на решението кое се развива како и можноста да се влијае на квалитетот на софтверското решение кое треба да се испорача.

Како вие во Сеавус ги стимулирате вработените тестери за да напредуваат во својата област?
За оваа цел мора постојано да се применуваат најразлични пристапи, од постојани тренинзи за комуникациски вештини, тренинзи за новитети во процесите за развој на софтвер па до тренинзи за технички вештини и новитети во контролата на квалитет на софтверските решенија. Тука се и посетите на конференции кои се се подостапни во Европа, но и сертифицирањата кои се се по прилагодени на брзиот развој на софтвер. Постојат уште многу други клучни начини како менторирање на сите нови членови, евалуации, дефинирање на патека за развој на кариерата и следење на истата, но не се изоставени и помалите начини за стимулација на напредокот како сослушување на вработениот, можност за да се вклучи во процесот на воведување на новитети и иновации во секојдневното работење кои ги постигнуваме со неделни презентации пред дел или целиот тестинг тим.

“Контролата на квалитет е дел од производствениот процес на софтверски решенија, но тестирањето е засебна гранка во ИТ индустријата, која е различна од програмирањето, и оттука, кадрите кои се градат во оваа област имаат посебен развој на кариера”



Дали нашите факултети продуцираат кадри доволно едуцирани и квалитетни за да може веднаш да започнат со оваа работа?
Секако дека има квалитет но моментот кој недостасува е соодветната едукација. Нашите факултети се фокусираат на градење на студентите или како програмери или како ИТ администратори. За жал и двете насоки се прилично далечни од тестирањето на софтвер.

Што им недостасува на денешните студенти за да може да се занимаваат со тестирање на софтвер?
Како што веќе напоменав тоа е соодветната едукација пред се, но не треба да ја заборавиме и самоиницијативата кога веќе ќе се запознаат со тестирањето на софтвер. Мислам дека студентите мора да го променат својот начин на размислување и да заборават на размислувањето дека само оние кои нема да успеат како програмери ќе продолжат да работат како тестери.

За крај што ќе им препорачате на студентите?

Да се поамбициозни, самоиницијативни и да се вклучуваат се повеќе во изработка на тимски проекти бидејќи развојот на софтвер не го чинат поединци, туку целиот тим. Многу е важно да стекнат навика да истражуваат надвор од зададените задачи и да поставуваат прашања, да се обидуваат сами да доаѓаат до одговорите и решенијата, бидејќи не сите компании имаат можност да им понудат менторство.


Тагови:

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија