Луѓето отсекогаш сакале да управуваат со своите соништа. Притоа не се мисли на целите што сакаат да ги реализираат во животот, туку на оние соништа што ги имаат додека спијат.
И додека некои тврдат дека со многу тренинг може да се освестите дека спиете и да управувате со соништата, истражувачите од Институтот за технологија во Масачусетс побараа помош од технологијата.
Третата генерација на апаратот наречен „дормио“, според тврдењата на истражувачите, би требало да им овозможи на луѓето да управуваат со своите соништа.
Фото: Thinkstock
За разлика од ЕЕК што ја мери мозочната активност, „дормио“ функционира на различен начин. Наместо да се фокусира на фазата на длабокиот сон, односно РЕМ-фазата, „дормио“ ја бара онаа фаза помеѓу сонот и будењето.
Во оваа фаза личноста што спие може да слушне звуци или разговор на луѓето околу себе, дури и да одговара на прашања, но нејзината состојба е веќе променета и таа не е свесна за тоа.
Како што објаснуваат истражувачите, во оваа фаза го губиме чувството за себеси, времето, просторот, а често ни се јавуваат добри идеи, иновативни и чудни решенија што инаку би ги игнорирале во будна состојба.
„Дормио“ користи сензори за да ја следи напнатоста на мускулите во телото и да го идентификува моментот кога телото влегува во „хипнагогија“.
Во тој момент системот со роботски глас ѝ дава сугестии на личноста што спие да запомни нешто што ќе го поврзе со контролирањето на соништата. Ако личноста продолжи да паѓа подлабоко во сонот, системот го прекинува со реченицата: „Паѓате во сон“.
Ако системот успее да ја задржи личноста во „хипнагогија“, ја испитува за што размислува. Иако некои испитаници не знаеле што зборуваат во текот на испитувањето, сите се сеќаваат на сугестиите и го запамтиле зборот што им е даден за време на паѓањето во сон.
За
истражувачите од Институтот тоа е доволен доказ дека успеале да контролираат нечии соништа.