X
 12.03.2017 Живот

Животните сопатнички на Владимир Илич Ленин

Фотографиите на Владимир Илич Ленин изгледаат сурово и одлучно, што е очекувано кога станува збор за човек кој по својата природа и по животниот повик бил револуционер, заточеник и во поголемиот дел од животот – непожелна личност во сопствената татковина, но и во странство. 

Сепак, можеби посилна и повпечатлива улога во неговиот живот имале две жени, подеднакво посветени на политичките идеали што ги следеле заедно.


Фото: Wikipedia

Жена во сенка

Официјална сопруга на водачот на светскиот пролетаријат била Надежда Крупскаја, истакната активистка на револуцијата, а подоцна и политички деец во Советскиот Сојуз.

Во 1894 година го запознала својот иден сопруг, Владимир Улјанов, на состанок на марксистичкиот кружок. Таа покажувала поголема жестина во политичкото дејствување од Ленин, па му станала верна поддршка во одбраната на неговите бескомпромисни ставови. Една година подоцна, двајцата биле уапсени од царската полиција.

Биле осудени на заточеништво, а првата дестинација им била Сибир. Во 1898 година се венчале во сибирскиот град Шушенское, во црквата Св. Петар и Павле, иако биле закоравени атеисти. Она што е парадоксално, најсреќните моменти од бракот ги доживеале во годините кога биле во заточеништво.
Во текот на десет турбулентни години во егзил во Англија, Германија и Швајцарија, конечно се стационирале во Париз, каде што Владимир ја запознал другата фатална жена во неговиот живот – шармантната Инес Арман.

Надежда била свесна за фаталната привлечност меѓу Владимир и Инес, но не се противела на тоа, а некои историчари сметаат дека нејзината рамнодушност била одраз на личната посветеност на револуцијата, за која, како што велат, била поголема и од самиот Ленин.

Друго толкување се поврзува со нејзиното, наводно, нарушено здравје на штитната жлезда, што предизвикало физички промени, поради што ја поддржала романсата меѓу Владимир и Инес.

Жена која рушела табуа и им пркосела на нормите

По смртта на нејзиниот татко, Инес се преселила во Москва, каде што израснала на имотот на едно руско-француско семејство. Била образована и уметнички настроена и се омажила за еден од синовите во богатото семејство каде што живеела, со кого имале четири деца.

Политичките идеи за болшевизмот, на негова несреќа, ѝ ги всадил сопругот Александар Арман. Инес била под големо влијание и револуционерниот жар ѝ се разгорел после читањето на Лениновата книга, „Развојот на капитализмот во Русија“.

Борбата за остварување на идеалот за еднаквоста го започнала како млада, учена жена, кога основала школо за децата на работниците и селаните. Истовремено, таа се вљубила во братот на нејзиниот сопруг, Владимир, со кој подоцна добила дете. Тогаш била забележана од царските власти, по што била уапсена и прогната на далечниот север на Русија. Успеала да побегне во Западна Европа, каде што почнала нова епоха од својот живот.

Инес Арман првпат го сретнала Владимир Ленин во Париз или во Брисел. Била привлечена од неговата харизма и, се разбира, револуционерните идеали. Во Париз, дефинитивно се преселила во 1909 година, каде што живееле Надежда и Ленин.

Инес и Ленин немале романтични епизоди во Париз, поради фактот што биле идеолошки сопатници. Чудната врска на тројката го достигнала својот врв кога сите заедно се преселиле во Краков.

Првата жестока полемика меѓу Инес и Ленин настанала со избувнувањето на Првата светска војна, кога Ленин верувал дека Русија мора да ја оконча својата вмешаност во војната и по цена да изгуби територии, додека Инес посакувала поголемо руско присуство, за да може Франција да се спаси од германското уништување.  

- Што се однесува до одбраната на твојата земја, за мене е крајно непријатно што мислењата ни се разијдуваат. Ајде да поразговараме очи в очи – ѝ напишал Ленин на својата љубовница.

Според сведочењата на нивни современици, синтагмата „очи в очи“ значела заповед, долгогодишната следбеничка да попушти пред одлуката на водичот, како што и се случило.  

До крај со Ленин
 

После револуцијата, Ленин се зафатил со превирањата во руското општество. Од враќањето во Русија до крајот на неговиот живот, Ленин и Надежда, официјалната сопруга, биле неразделни.

Инес останала верна на револуционерните идеали, но како борец за женските права. Последните години од животот ги поминала во неуморно организирање Меѓународни конференции на жените од комунистичкото движење. Поради преголема исцрпеност, се одлучила на толку потребен одмор на Кавказ.

Годините поминати во заточеништво, затвори, патувања и работа го уништиле нејзиното здравје. Заболела од колера и починала во 46. година од животот. Умрела сама и далеку од човекот кој толку силно го љубела и кој ѝ бил нејзин идол.

Ленин побарал нејзиното тело да биде вратено во Москва и да биде закопано во Кремљ, покрај Црвениот плоштад. После три години, починал и Ленин од последиците од и онака фаталниот атентат што бил извршен врз него.

Надежда, пак, како комунистички активист живеела до 1939 година и почетокот на Втората светска војна.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот