X
 12.03.2019 Наша тема

Драган Алексоски – хуманитарец, посетил и работел во 54 земји! Спасува бегалци, се среќава со нобеловци

Гостиварецот Драган Алексоски веќе 20 години работи во ИОМ – Интернационална организација за миграции

Намибија, Источен Тимор, Тајланд, Пакистан, Таџикистан, Австрија се земјите во кои живеел. А краткорочно, приватно и службено бил во Непал, Камбоџа, Мјанмар, Сингапур, Малезија, Индонезија, Етиопија, Јужна Африка, Сенегал, Шри Ланка, вкупно 54 држави досега. Драган Алексоски веќе 20 години работи во ИОМ – Интернационална организација за миграции, една од водечките организации за регулирање на миграцијата на светско ниво.

Од т.н. „бакет лист“(Bucket list) ја има комплетирано „Турата на седумте стани“ („Seven Stans Tour”). Под тоа се подразбира посета на сите држави што во своето име ја содржат наставката „стан“, а тоа се: Авганистан, Казахстан, Киргистан, Пакистан, Таџикистан, Туркменистан и Узбекистан. Но, во срцето му е родниот Гостивар, каде што секогаш се враќа во посета на пошироката фамилија.
- Секој слободен момент кога сум во Македонија одам со моите деца кај мајка ми на сарма и кифлички - вели Алексоски.


Драган Алексоски (лево) се среќава со многу значајни личности

Во моментов живее во Виена, Австрија. Работи во ИОМ како виш регионален специјалист за вонредни и посткризни ситуации во регионалната канцеларија за Југоисточна Европа, Источна Европа и Централна Азија, Канцеларија за врски при ОН и други меѓународни организации стационирани во Виена. Одговорен е за координација и поддршка на активностите и на колегите и мисиите на ИОМ во регионот, при кризни ситуации предизвикани од човечки фактор (војна, раселени лица и сл.) и од природни несреќи.

- Виена во последните неколку години е официјално најубавиот град на светот за живеење и јас потврдувам дека е така. До лани мислев дека е Бангкок, но сега овој град паѓа на високото второ место – вели овој хуманист, кој е дипломиран градежен инженер. Вели дека од мал сакал да биде инженер како татко му Боге, но патот го однел во сосема друга насока - хуманитарна. Тој е магистер по дипломатија и меѓународни односи, а завршил и специјализиран курс по миграциски студии на Универзитетот во Мастрихт, Холандија.


Безбедноста на бегалците на прво место

За ИОМ почнал да работи за време на косовската криза, на регистрација на бегалците од Косово во бегалскиот камп Стенковец. Но, работата го носела во многу егзотични земји. Во Источен Тимор работел од 1999 до 2000 година.
- Работевме на враќање на бегалци назад на островот, раселени по референдумот за независност и внатрешните немири. Вршевме транспорт на бегалци со авиони, автобуси и бродови. Подготвував чартер-летови, возев камиони и автобуси – бидејќи немаше буквално ниту еден човек, а не па возач во градот, помагавме при репатријација на бегалците во сите делови од островот, се грижевме за нивна заштита и безбедност - раскажува Алексоски.


Во Источен Тимор во 1999 година

Во 2004 година заминал во Намибија, каде што ги враќале последните групи бегалци од Намибија назад во Ангола.
- Бегалскиот камп Озире беше сместен во пустината Калахари. За да се стигне до него, мораше да се патува низ пустина, каде што диви животни трчаат покрај патот – ноеви, гепарди, зебри, антилопи.

Потоа цели седум години со семејството живеел во Бангкок, а три години среде џунгла во малото место Мае Хонг Сон со 9.000 жители во северозападен Тајланд, на самата граница со Мјанмар.
- Во Бангкок ми се родија двете синчиња, Александар и Марко, и тоа место ќе остане засекогаш во моето срце. Бангкок е едно од најубавите места за живеење на светот, кое исто така им е омилено и на моите деца, па кога имаме можност, со задоволство повторно го посетуваме. Последен пат бевме лани за новогодишните празници. Таму е највкусната храна, најубавите острови и плажи, а луѓето се едноставно прекрасни - раскажува Алексоски.

Краток период живеел и во Пакистан, а од 2015 до 2018 година живеел во Таџикистан.
- Во средината на 2015 година бев избран за шеф на Мисијата на ИОМ во Таџикистан. На ова професионално достигнување сум особено горд бидејќи станав прв шеф на Мисија на една организација на Обединетите нации од Република Македонија – вели тој.
- Моментално „миграцијата“ е жешка тема насекаде во светот, а посебно во Европа. За жал, оваа тема е многу често злоупотребувана од некои политичари за добивање евтини поени. Но треба да се знае, ако миграцијата е правилно менаџирана, бенефитите можат да бидат многустрани и повеќеслојни, како кај државите и заедниците што ги прифаќаат, така и во државите и поширокото општество од каде што потекнуваат - објаснува Алексоски.

Тропски болести, сообраќајки во пустина, многу пропуштени родендени

Алексоски имал и сѐ уште има средби со многу значајни политички личности.
- Сум се сретнал со многу министри и претседатели, а посебно би ги издвоил средбата со Хозе Рамос Хорта и бискуп Бело, добитници на Нобелова награда за мир, кои активно работеа на враќање на мирот и нормализирање на животот во Источен Тимор и средбата со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, при неговата посета на Таџикистан.


Во Париз со синовите

Алексоски раскажува дека неговиот живот е вистинска авантура, но не е сѐ така лесно, позитивно и розово како што изгледа.
- Имало и сообраќајки во пустина, опасност од паѓање во бездна, тропски болести, обични болести – а најблиската болница на 7 часа возење со автомобил. Многу пропуштени свадби, свршувачки, крштавки, родендени на драги лица, еднаш до два пати годишно видување со родителите и внучињата... Сите авантури и успеси опишани погоре си имаат своја (висока) цена.



Како едно од најинтересните места што ги посетил го издвојува езерото Искандеркул во близина на Душанбе.

- Во превод тоа е езерото на Александар Македонски (Искандер – Александар, Кул – Езеро), најубавото езеро во Таџикистан и едно од најубавите на светот. Според локалната легенда, „ако на полноќ тука гледаш во водите на езерото, ќе го видиш Александар Македонски како сјае во златен оклоп и јава напред на неговиот коњ Букефал“. Легендата вели дека тука умрел Букефал, кој со своето тело го заштитил Александар од нападите на неговите противници. Се верува и дека персиската принцеза Роксана (Рукшона на персиски) потекнува од Таџикистан - објаснува Алексоски.
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема