X
 12.03.2020 Здравје

Кафулињата да работат до 18 часот, приватните компании мора да ги ослободат вработените со деца под 10 години

Кафулињата, рестораните, казината, обложувачниците да работат само до 18 часот, со половина капацитет, а растојанието на масите да биде најмалку 1 метар е една од новите мерки што Комисијата за заразни болести денеска ќе ги предложи на Владата.

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција соопшти дека станува збор за забрана на сите јавни и приватни собири без разлика на бројката на присутни и изјави дека мерката важи и за сали за вежбање, кина, театри.



Филипче денеска изјави дека иако станува збор за препорака, приватните компании задолжително мора да ослободат вработен со дете помало од 10 години. Тој појасни дека товарот ќе падне на компаниите, односно тие ќе мора да го платат ова отсуство.
И покрај тоа што е правно формулирано како препорака, мерката да се ослободат од работа родители чии деца до 10 години нема кој да ги чува зашто се затворени градинките и училиштата до 25 март, таа е задолжителна и за приватните компании, појасни Филипче.
- Мерката задолжително важи за сите. Ако се наметне потреба, ќе има владини мерки за финансирање - рече министерот Филипче.
Со владина мерка е дозволено платено отсуство за 1 родител на дете до 10 години (4. одделение) и на постари деца со попреченост.

Мерката се однесува на еден родител во семејството, кој мора да поднесе соодветни документи во компанијата, доказ/потврда за основата на користење на ова оправдано отсуство (потврда издадена од детската градинка или уплатница за платен надомест за престој во детска градинка, копија од патна исправа за возраста на детето или копија од извод од матична книга на родени, потврда за редовен ученик од образовните институции или копија од сведителство).
Министерот кажа дека разговарал со колеги од Италија и му било посочено дека ширењето на вирусот се намалило само по воведувањето на ригорозните мерки.
- Ова ни укажува дека треба да бидеме порадикални - изјави Филипче.

Верските заедници исто така мора да се придржуваат до мерките на Владата.
Хронично болните што веќе имаат одредена дијагноза и терапија од специјалист нема потреба да одат по нов извештај кај специјалист, туку треба да се обратат кај матичниот лекар. Ова не важи за оние што допрва треба да одат за дијагноза кај специјалист.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје