X
 12.03.2021 Наука

Индонезиски остров може да стане центар за космодроми, но жителите тврдат дека тоа ќе биде погубно за природата

Во декември владата на Индонезија му понудила место за лансирање ракети на Илон Маск, генералниот извршен директор на компанијата „Спејс-екс“, на островот Биак. Но сега жителите на малиот индонезиски остров отвораат дискусија против тоа тврдејќи дека тоа би било погубно за околината и би им ги загрозило животите.

По разговор со претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, Маск планирал да испрати тим до островот за да ја анализира состојбата. Манфун Сројер, поглавар на племе што живее на островот, изјавил дека бил загрижен зашто локалните жители би биле принудени да ги напуштат своите домови доколку планот се реализира, пренесува „Бизнис инсајдер“.

- Со овој космодром ќе ги изгубиме локациите за лов, оштетувајќи ја природата од која зависи нашиот начин на живот. Но доколку протестираме, веднаш ќе бидеме уапсени - изјавил Сројер.


Фото: Илон Маск/Wikipedia

Ова не е единственото место за лансирање ракети што можеби ќе биде изградено на Биак. Руската вселенска агенција „Роскосмос“ сака да изгради космодром на островот до 2024 година. Во 2002, г. Русија сакала да лансира сателити од островот, а многу жители што протестирале биле уапсени и испрашувани, открил Сројер.

Индонезија ги има едни од најголемите депозити на бакар и никел, материјали што се потребни за изградба на ракети и батерии за електричните возила на „Тесла“, компанија која исто така ја води Илон Маск. „Тесла“ веќе е во преговори со владата на Индонезија за потенцијални инвестиции.


Фото: Pixabay

Кога станува збор за изградбата на космодром, од владата на Индонезија изјавиле дека тој ќе се гради со насоки од локалните власти и жителите на островот. Според нив, претворањето на Биак во „вселенски остров“ би донело позитивни економски придобивки за жителите.

Во моментов „Спејс-екс“ ги лансира ракетите и сателитите од Тексас и Флорида.

Автор: Кејт Дафи
Извор: businessinsider.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука