Иако љубителите на филмовите во текот на 2020 година немаа многу избор кога станува збор за спектакуларните премиери и нови остварувања, сепак, имаше доволно нови филмови со кои може да се направи листа од најинтересните според оцените на интернет-корисниците, пренесува „Сити магазин“.
Ова се најдобро оценетите и најкоментираните филмови од страна на интернет-корисниците и
филмските критичари.
„Da 5 Bloods“
Филмска приказна за четири афроамерикански ветерани од војната во Виетнам кои се враќаат во оваа земја за да го пронајдат гробот на лидерот на нивниот одред, но и златото што тој им помогнал да го сокријат. Филмот е во режија на Спајк Ли.
„Never Rarely Sometimes Always“
Во оваа драма во режија на Елиза Хитман ја следиме 17-годишната Отум Калахан, адолесцентка која дознава дека е бремена, но сака да го скрие овој факт од нејзините родители и да абортира. Бидејќи е законски невозможно да се спроведе оваа постапка во американската држава Пенсилванија без согласност на родителите, таа и нејзиниот братучед Скајлар одлучуваат да заминат во Њујорк.
„The Trial of The Chicago 7“
Филмот е драматизација на настаните од 1969 и 1970 година, кога американската влада обвини седуммина за заговор и поттикнување нереди. Во филмот е прикажан специфичниот однос на два лика. Јадрото на филмот е важно прашање - што ќе се случи кога на клучни места поставуваме некомпетентни лидери (Никсон) и нивните послушници.
„Nomadland“
Френсис Мекдорманд во овој филм ја глуми Френ, жена во 60-тите години која по финансискиот губиток предизвикан од економската криза во 2008 година почнува да живее како модерен номад, возејќи се со своето комбе на различни локации низ САД.
„Mank“
Станува збор за биографска драма за холивудскиот сценарист Херман Џејкоб Манкевиц, кој е најпознат како коавтор на сценариото за филмот „Граѓанинот Кејн“. Филмот е во режија на Дејвид Финчер, а сценариото е на неговиот покоен татко Џек.
„I'm thinking of ending things“
Режисерот и сценарист Чарли Кауфман сними уште еден чуден филм кој истовремено е фасцинантен и доста збунувачки. Станува збор за филмска приказна за млада жена која одлучува со своето момче да ја посети фармата на неговите родители и да ги запознае, и покрај фактот што некое време интензивно размислува да ја прекине оваа седумнеделна врска. На фармата таа ќе открие дека нејзиното момче не е баш такво какво што се претставува, но секако тоа не е најчудната работа со која ќе се соочи.
„The Nest“
Во трилерот „The Nest“, Џад Ло го глуми Рори О'Хара, претприемач во САД, кој го напушта Њујорк во 80-тите години и со семејството се преселува на голем имот во родната Англија. Откако ќе стигнат таму, неговата сопруга Алисон (Кери Кун) ќе открие дека нејзиниот сопруг и не е баш најискрен кога станува збор за неговите финансии, но и други работи.
„Lovers Rock“
Филмот на режисерот Стив Меквин е трета епизода од неговиот филмски серијал „Small Axe“ за животот на карипските имигранти во Велика Британија во текот на 60-тите, 70-тите и 80-тите години.
Извор:
6yka.com
Фото: Screenshot/YouTube