Националниот центар за урагани вели дека ураганот Флоренс, со ветрови до 230 километри на час, се очекува да биде исклучително опасен кога ќе го погоди источниот брег утре. Опасноста лежи во водата, а не во ветровите, и има потенцијал да ја направи бурата доста смртоносна.
Најпрво ќе дојде до зголемување на нивото на морето предизвикано од силни ветрови, а потоа ќе дојдат поројните дождови.
Ураганот Флоренс во моментов е ураган од категорија 4. Добива сила и може да премине во категорија 5 пред да стигне на брегот во раните утрински часови утре.
Гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер, ги повика жителите да не го потценуваат невремето.
- Брановите и ветровите што оваа бура може да ги донесе се нешто што никогаш не сте го виделе. Дури и ако претходно сте биле сведоци на бура, ова е различно - изјави тој.
Според истражување од 2014 година од американското метеоролошко друштво, бурата и дождот се причина за 76 отсто од директните смртни случаи од ураганите. Истражувањето покажало дека од 1963 до 2012 година 90 отсто од смртните случаи се случиле при инциденти поврзани со вода.
Поголемиот дел од смртните случаи од урагани во последниве години доаѓаат од луѓе зафатени во поплавите.
Томас Ленон, претседател на Одделот за управување со вонредни состојби, вели дека најголемата грешка направена за време на ураганот Катрина, кога починале 1.833 лица, била тоа што била наредена евакуација само 24 часа пред да го погоди Њу Орлеанс, а тогаш било предоцна.
- Ако чекате, ќе биде предоцна. Ако мора да направите евакуација од големи размери, направете го тоа порано - вели Ленон.
Фото: National Hurricane Center
Гувернерот на Јужна Каролина, Хенри Мекмастер, во понеделникот објави дека задолжителната евакуација започнува во вторник за повеќе од 1 милион луѓе што живеат на брегот на Јужна Каролина.
Националниот центар за урагани изјави дека бурата од ураганот Флоренс би можела да стигне до 3 метри во некои области на Северна Каролина.
- Можно е да биде дури и повисоко, во зависност од тоа колку брзо бурата се движи кон брегот - вели експертот за урагани Дан Котловски.
Фото: National Hurricane Center
Во вторникот вечерта Националниот центар за урагани издаде предупредување за бура од областите околу надворешниот брег во Северна Каролина и реката Јужна Санта во Јужна Каролина. Масивните бранови од ураганот ќе предизвикаат наплив на вода која ќе биде уште поопасна и поштетна, предупреди Националниот центар за урагани.
По брановите доаѓа дождот.
- Флоренс ќе донесе огромна количина на дожд, не толку колку што Харви донесе во Тексас, но сигурно ќе предизвика поплави - велат експертите.
Поплавите ќе зависат од тоа дали
Флоренс ќе забави и ќе се задржи во крајбрежните области, како што се движи во внатрешноста. Ако се случи ова, резултатот ќе биде обилни дождови што ќе предизвикаат сериозна штета.