X
 25.07.2018 Образование

Од стотици гени зависи до каде ќе стигнете со образованието

Меѓународните истражувачи велат дека нивните наоди, од една од најголемите студии од ваков вид, фрлија ново светло врз улогата на генетиката во влијанието врз човековото однесување.

Тимот го испитал генскиот состав и историјата на образованието на повеќе од 1,1 милион луѓе од 15 европски земји, на возраст од 30 и повеќе години, и открил 1.271 генска варијација поврзани со годините што ги поминале во училиште.

Истражувачите велат дека варијациите на гени не можат да предвидат колку еден човек ќе биде успешен на училиште или на факултет, но резултатите би можеле да бидат корисни во студиите за општествени науки кои се фокусираат на просечното однесување кај населението.

Многу од варијациите влијаат врз гените активни во мозокот на фетусите и малите бебиња. 

Тие имаат влијание врз создавањето на мозочните клетки и на реакциите на нови информации. Ова, пак, влијае врз психологијата на една личност.

Ваквите студии покажуваат дека една од многуте причини зошто луѓето се разликуваат во образованието е различната генетика.

Коавторот Роби Ведо рече дека овој резултат е исто толку значаен како и демографските фактори, како што се приходот на домаќинствата или образованието на мајките, во предвидувањето на образовните резултати.

- Нискиот резултат апсолутно не значи дека некој нема да постигне високо ниво на образование. Амбицијата, семејната ситуација, социо-економскиот статус и други фактори играат поголема улога отколку гените. Како и со многу други резултати, тоа е комплексна интеракција помеѓу животната средина и генетиката што е важна – рече тој.

Подготвил: Т.Ц.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование