Факултетот за биотехнички науки - Битола остварува плодна наставно-образовна, научноистражувачка и апликативна дејност благодарение на шестдецениската едукација на кадри, со перманентна примена на технологијата во секој аспект. Факултетот е препознатлив по своите традиционални вредности, квалитетен човечки и инфраструктурен потенцијал, во кој се образова и оформува инженерски и менаџерски кадар од различни профили.
Факултетот располага со 5 опремени лаборатории со високософистицирана опрема каде што нашите студенти ги остваруваат своите лабораториски вежби. Со ваквите солидни инфраструктурни и технички предуслови им овозможува на студентите под менторство на своите професори директно и непосредно да учествуваат во научноистражувачката работа на факултетот.
- Факултетот за биотехнички науки се истакнува на полето на научната дејност преку учество во повеќе научноистражувачки проекти, со свој придонес од областа на прехранбената технологија и земјоделските науки. Во партнерство со странски високообразовни институции се реализираат над десетина проекти, претежно преку програмата Erasmus, како и IPA и Horizon 2020. Во рамките на Erasmus + програмата бележиме значајна бројка на реализирани мобилности со партнери од странски универзитети со кои имаме склучено договори за соработка, посочува деканот, проф. д-р Гордана Димитровска. Тоа значи дека секој сегашен и иден студент, преку Еразмус + програмата ќе има можност да биде дел од странска високообразовна институција, па макар и на еден семестар. Ние ги мотивираме нашите студенти да ги користат европските програми и средства бидејќи навистина е штета да не се почувствува европскиот високообразовен систем, кога веќе ни е на располагање, а од друга страна станува збор за целосно финансиски покриен студиски престој.
Покрај можноста за мобилност, Факултетот за биотехнички науки – Битола на своите студенти им овозможува и учество на голем број студентски конференции и симпозиуми, и на сите овие настани студентите не поминуваат незабележано, туку напротив, освојуваат највисоки награди и признанија.
Во пресрет на уписите, Факултетот за биотехнички науки ги потсетува матурантите дека на оваа единица на УКЛО може да се запишат 150 студенти. Наставата се одвива на 4 акредитирани студиски програми на прв циклус студии, 5 акредитирани студиски програми на втор и 1 акредитирана студиска програма на трет циклус на студии. Во моментот, активни се четири современи акредитирани студиски програми на прв циклус на студии, и тоа: Квалитет и безбедност на храна со 50 слободни места, Технологија на анимални производи, на која може да се запишат 35 студенти, Менаџмент во анимално производство со 30 места и Зоотехника, на која може да студираат нови 35
бруцоши.
Сите студиски програми од прв циклус (додипломски студии) овозможуваат дипломираните студенти да го продолжат своето стручно усовршување и на втор циклус и трет циклус на студии, за што Факултетот за биотехнички науки располага со сите потребни предуслови и ресурси, вклучително и интелектуалниот капитал кој им го ставаме на располагање на младите луѓе кои се заинтересирани за стручни занимања поврзани со сегашноста, но и со иднината затоа што, да не личи на флоскула, без храна, особено безбедна и квалитетна, тешко е да се замисли животот воопшто. Ова само по себе говори колку дипломираните студенти ѝ се потребни на економијата и барани на пазарот на труд, особено затоа што глобален е предизвикот кога светот се соочува со овие важни, суштествени прашања кои водат кон нови стратегиски пристапи и теми за зелена и безбедна храна.
Од Факултетот за биотехнички науки нагласуваат дека добредојдени се сите на кои производството на храна им е во срцето и потсетуваат дека со изборот на оваа професија, покрај успешен професионален и личен развој, младите луѓе оставаат печат во развојот и иднината на нашата земја.
(Комерцијална објава)