X
 11.11.2020 Образование

На УКЛО одржана првата студентска конференција „Техниката и урбаниот развој - ТУР“

Технички факултет - Битола и УКЛО се вклучија во одбележувањето на Светскиот ден на науката со организирање на првата студентска конференција „Техниката и урбаниот развој-ТУР“.

Денес, кога енергетската ефикасност, сообраќајот и глобалните климатски промени се основни светски предизвици и ако на тоа ги додадеме порастот на бројот на населението и урбанизацијата, како и оваа светска здравствена криза, се јавува нужно да ги анализираме врската, влијанието и придобивките од она што науката и иновативните решенија од областа на техничките науки можат да го понудат како одговор на предизвиците, потенцира вонр. проф. д-р Јасмина Буневска Талевска. Таа појаснува дека и основната идеја за првата студентска конференција дојде како потреба од размена на идеи помеѓу студентите, помеѓу студентите и нивните професори и помеѓу студентите и стопанствениците за влијанието на науката и техниката на решавањето на актуелните енергетски, сообраќајни и проблеми со одржливиот развој на градовите и регионите.

1

Важниот настан од име на УКЛО го поздравија проректорите, проф. д-р Игор Неделковски и проф. д-р Марјан Ѓуровски. Проректорот Неделкоски изрази задоволство дека студентите се потрудија да се занимаваат со наука, што е особено тешко во овие услови и се надева дека конференцијата ќе прерасне во универзитетска и традиционална.

2

Според проректорот Ѓуровски, приоритет на УКЛО е студентите да бидат во фокусот на образовниот процес при спроведување на наставата, усогласување на програмите со европските практики и искуства, потребите на пазарот, развојот на општеството и пред сѐ личниот развој на студентот како поединец. Заедно со студентите сакаме да поттикнеме различни форми на берза на идеи кои ќе наидат на поддршка од корпоративната заедница и преку тој трилатерален однос да дојдеме до нови иновативни методи во наставата.

5

Според Ѓуровски, предуслов е поголема поддршка од државата и за професорите со зголемување на компетенциите на секој од учесниците во универзитетската заедница. Се залагаме за воспоставување синергија меѓу студентите - професорите - бизнис-заедницата и државните институции. Ќе се заложиме за поголемо вклучување на студентите во истражувачки работи на факултетите и поттикнување и модернизација на процесот на пракса преку законски измени, а потоа со конкретни мерки на стекнување практични знаења, нагласува проректорот за студентски работи, проф. д-р Марјан Ѓуровски. Воедно, тој нагласува дека само преку успешен спој на теоријата со праксата ќе изградиме студент кој може да одговори на потребите на пазарот, но и тој самиот да се најде овде дома, наместо пред или по студирањето да ја напушти земјата.

6

Приоритет во иднина е зголемување на мобилноста на студентите и академскиот кадар надвор од државата, поголема присутност на странски студент на нашите факултети и размена на искуства и знаења на тој начин. Отворање на прозорецот за информации, стипендии за студиите во ЕУ и САД каде што ќе може, по справување со пандемијата, да поминуваат најмалку еден семестар во следење настава, полагање или практична работа. Треба да се подготват Универзитетот и студентите за конкуренцијата, поради тоа преку посебни работилници, школи, советувалишта, дополнителни програми ќе дадеме придонес кон развој на академските вештини, но и развој на кариера и нејзино следење во текот на целото студирање. Континуираното осигурување на квалитетот и интердисциплинарниот пристап во студиските програми ќе доведе до поголема препознатливост на Универзитетот на европските образовни простори. Ќе направиме сѐ за да се зголеми достапноста до поголеми бази на податоци за студентите и професорите во студирањето и усовршувањетo. Меѓу другото, треба да се нагласи дека свое место има гласот на студентот во одлучувањето во органите и телата на УКЛО и факултетите, како и процесот на образование преку Студентското собрание и Студентски правобранител. Процесот на европеизација на општеството не може целосно да се реализира без да бидеме успешни и да вложуваме во концептот на едукација. Парцијалниот пристап на државата не овозможува спроведлива визија на високото образование. Инспирирани од науката која има клучна улога во работата на секој универзитет, УКЛО преку серија настани ќе се обиде да ја приближи науката во секојдневниот живот на студентите, бизнис-заедницата и пошироката општествена јавност. Да се биде дел од науката и таа да се практицира во секојдневниот живот, според проректорот Ѓуровски, бара многу умешност и знаење. Лукавите луѓе ја презираат науката, простите ѝ се воодушевуваат, а мудрите ја користат (Френсис Бекон), а ние ќе се заземеме  да ја доближиме науката до сите преку ваков тип конференции создавајќи Наука за животот.

7

Инаку, главна цел на конференцијата е подигнување на степенот на научноистражувачка работа кај студентите, подигнување на нивната свест за глобалните промени и потреби, а со создавање способност за анализа, синтеза, извлекување сознанија за одредена проблематика да се влијае и врз професионалниот и врз личниот развој на студентите, и да се стекнат со искуство за донесување соодветни решенија како идни инженери.

tehnicki

УКЛО активно се вклучи во одбележувањето на 10 Ноември – Светскиoт ден на науката и по тој повод Комисијата за наука и меѓународна соработка одржа онлајн-седница на која се нотирани достигнувања на академски кадри меѓу две одбележувања, со што Универзитетот ја  промовира и афирмира науката и научните достигнувања како еден од приоритетите во своето работење и дејствување.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование