X
 12.04.2018 Култура

Новата книга на Толкин многу потсетува на „Господарот на прстените“


Корицата на новата книга од Толкин - замоци во планини и облаци
(Фото: Harper Collins)


Книгата „Падот на Гондолин“ (The Fall of Gondolin) на Џ. Р. Р. Толкин е приказна за преубавиот, таинствен град кој го уништуваат мрачни сили, а Толкин ја нарекува „прва вистинска приказна“ за Средната земја и ќе биде објавена во август, пишува британски „Гардијан“.

Издавачката куќа „Харпер Колинс“ наведува дека Толкин на оваа книга гледал како на една од трите „големи приказни“ за старите денови на Средната земја, заедно со приказната  за Берен и Лутиен, објавена во мај 2017 година, и „Децата на Хурин“ издадена во 2007 година.

Сите три станале дел од збирката „Силмарилион“, која е издадена во 1977 година. Писателот Џон Гарт, автор на книгата „Tolkien and the Great War“, вели дека првата приказна за падот на Гондолин, Толкин ја напишал во болница додека закрепнувал од последиците добиени во битката на Сома.

„Тоа е приказна за потрагата, за еден човек кој станува вистински херој, што е модел за сè што подоцна напишал Толкин. Го има Мрачниот господар, првата средба со орки и балрози – навистина, тоа е Толкин кој се подготвува за она што ќе го работи подоцна“, истакнува Гарт.

„Падот на Гондолин“ го следи смртниот јунак Туор, кој го пронаоѓа скриениот град Гондолин, неговите дела како и делата на неговите пријатели и семејства, па сè до уништувањето на градот.

Гарт потенцира дека оваа книга на Толкин е „најголемата приказна за битка надвор од ’Господарот на прстените‘“, но верува дека главната работа во врска со книгата ќе биде начинот на кој Толкин се обидел одново да ја раскаже приказната, со стил кој потсетува на оној во „Господарот на прстените“.

„Во првата (завршената) верзија на приказната имате чувство како да ја читате ’Илијадата‘. Оваа, незавршената, е поприродна“, вели Гарт.

Ова издание, исто како и претходните постхумно објавени дела на Толкин, го приредил неговиот син Кристофер, а илустрациите се дело на Алан Ли.

Најавата на книгата ги изненади познавачите на условите затоа што Кристофер Толкин (93) ја опишал претходно објавената „Берен и Лутиен“ како „последна од низата на долгиот серијал изданија на трудовите на татко му“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура