Мариеке Вервут е 37 годишна атлетичарка, параолимпиец, од Белгија. Таа во Рио ќе учествува во атлетската трка за последен пат во нејзината кариера. Како што вели таа, после Параолимписките игри, Мариеке планира да се врати дома и да умре.
Всушност, Мариеке боледува од неизлечива дегенеративна болест кој буквално ја убива нејзината желба за живот. Несреќната атлетичарка има неподносливи болки, а со текот на времето започнале да ја мачат и ментални проблеми. Затоа таа одлучила да умре, а го одредила и датумот на нејзината смрт - во 2017 година.
За приказната да биде уште потажна, таа веќе започнала да го планира нејзиниот погреб.
„Сакам сите во рацете да имаат чаша шампањ и сите за момент да помислат на мене“, вели таа.
Нејзините проблеми со здравјето започнале во 2000 година кога дознала дека боледува од тешка и неизлечива болест - набрзо таа завршила и во инвалидска количка.
Но, храбрата девојка не се откажала од животот - таа започнала да игра кошарка во инвалидска количка, а потоа и да се натпреварува во триатлони во 2007 година. За жал, една година подоцна, нејзината состојба драстично се влошила и таа морала да се откаже од спортот и да се префрли на атлетика.
„Болките се толку силни што имам поминато безброј непроспиени ноќи. Често пати и се онесвестувам“, вели таа.
„Во неколку минути се' исчезнува. Заборавам на болката, од себе ја исфрлам негативната енергија, се борам против стравот и страдањето...“
Нејзината последна желба во животот е златен медал во Рио.
„Страшно страдам, навечер спијам само 10 минути. Моето тело е исцрпено, а наутро медицинската сестра ми дава морфиум. Сите ме гледаат насмеана, но мал број на луѓе знаат што преживувам. Рио е мојата последна желба. После тоа сакам да умрам“, вели таа.
За евтаназија во Белгија потребни се писмени одобрувања од тројца доктори, а статистиките велат дека од 2002 година на ваков начин животот си го одзеле околу 1400 луѓе годишно.