X
 19.10.2020 Живот

Вработените Норвежани имаат големи поволности: флексибилно работно време и фокус кон семејството

Работата зазема огромен дел од нашето време во текот на нашите животи како возрасни луѓе. Но, Норвешка нуди придобивки и поволности што на граѓаните им овозможуваат безбедност и флексибилност да го зголемат нивното уживање надвор од работното место.

Рамнотежата помеѓу работата и животот се сфаќа сериозно во Норвешка. На прв поглед, работната етика изгледа лабава, но не потценувајте ја ефективноста на културата и нејзиниот систем.

Ова се неколку поволности што можете да ги очекувате ако сте вработени во Норвешка.

Национална шема за осигурување


Работата во Норвешка ќе ви даде сигурност за одлично здравствено осигурување. Ако легално работите или живеете во Норвешка, тогаш автоматски сте запишани во норвешката национална шема за здравствено осигурување. Неопходните здравствени трошоци што вклучуваат услуги за примарно и ментално здравје, како и болничка нега и одбрани лекови на рецепт, се покриваат од првиот месец на вработување.

Родителско отсуство


Родителското отсуство на Норвешка е и флексибилно и дарежливо. Ако и мајката и таткото се вработени 6 од 10 месеци до раѓањето на нивното дете, тогаш и двајцата имаат право на платено родителско отсуство. Одредбите за родителско отсуство ѝ овозможуваат на мајката да избере родителско отсуство од 15 недели со 100 отсто од  платата или 19 недели со 80 отсто од платата.

Таткото има право на истото и може да го почне своето татковско отсуство откако новороденчето ќе наполни 7 недели. Покрај тоа, постои заедничко време за родителско отсуство што може да се подели помеѓу мајката и таткото според одредени упатства.

rabota
Фото: Freepik

Годишни одмори и плати

Жителите во Норвешка се навикнати на побавно темпо на живот во текот на летните месеци поради „фелесфери“, односно колективен одмор.

Во повеќето земји би било тешко вработените да земат толку многу денови за одмор, додека системот на Норвешка го охрабрува тоа. Годишниот одмор што му е дозволен на еден вработен е пет недели. Многу е вообичаено за повеќето Норвежани да го искористат поголемиот дел од одморот во текот на јули.

Годишниот одмор во Норвешка обично се обезбедува од платата за годишен одмор на вработените. Оваа празнична плата е составена од 10,2 отсто од платите заработени во текот на секоја година и обично се зема од месечните плати и се исплаќа во јуни. Се смета дека вашиот работодавец штеди за вас. Можете да ја користите оваа плата за што сакате бидејќи тоа се ваши пари, но мора да земете одмор за да ги земете парите.

Фокус на семејството


Норвешка има воспоставено голем број права за вработените со цел да им помогне да се грижат за своите семејства. Освен голем број платени денови за боледување што е дозволено да ги земат кога се болни, вработените имаат право и на 10-15 платени  „омсоргсадер“, односно денови за грижа, кога им е болно детето. Ако сте самохран родител, имате право на 30 вакви дена за болно дете. Овие денови за нега се дозволени додека детето не наполни 12 години.

Безбедност дека нема да ја изгубите работата

Стравот од губењето на работата е прилично голем стрес. За среќа, во Норвешка сигурноста на работното место е поддржана со закон. Така, во оваа земја е нелегално да се отпушти вработен без валидна причина доколку има постојан договор за работа.

Ако работникот се отпушти, постои процес што мора да се следи пред да биде отпуштен. Работодавецот е должен да одржи состанок со работникот пред да биде донесена каква било одлука во врска со отказно решение. Исто така, работодавецот еден месец претходно мора да го извести работникот дека ќе му го раскине договорот.

Удобни работни денови


Во Норвешка метежот во сообраќајот почнува околу 15 часот. Градинките и училиштата обично затвораат во 17 часот, па нормално е канцеларијата да биде празна порано од вообичаеното во петок попладне.

Многу вработени имаат флексибилно работно време. Дури постојат компании кои имаат „летни часови“, дозволувајќи им на вработените да заминат порано во текот на потоплите месеци, со што ова време го надополнуваат во текот на зимата.

Целта на оваа флексибилност е норвешкиот закон за работна средина. Тоа е акт што ги регулира односите помеѓу работодавците и вработените. Постојат многу закони воспоставени за работниот ден на Норвежаните да биде полесен за управување.

На пример, вработените имаат право на намалено работно време поради здравствени и социјални причини. Сите смени над 5,5 часа мора да имаат 30-минутна пауза. Освен тоа, вработените имаат право на додаток на плата од најмалку 40 отсто за прекувремена работа. Ноќните смени, работењето во недела и на верски празници често пати се компензираат со поголема плата од нормалната.

Извор: Thelocal.no
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот