Сицилијанскиот град Самбука ги распродаде куќите за кои пред неколку месеци бараше само едно евро. Имено, со оглед на тоа дека куќите долго време беа празни, локалната заедница одлучи да го следи трендот во Италија и реши практично да им ги подари куќите на нови сопственици за да спречи демографска катастрофа.
- Ако оние што ќе учествуваат не понудат повеќе, ќе ги продадеме куќите по цена на кроасан - истакна Џузепе Качиопо, заменик-градоначалник на Самбука, пред почетокот на аукцијата.
Земајќи предвид дека навистина станува збор за незначителна цена за куќа на многу атрактивна дестинација, информацијата многу брзо се прошири во медиумскиот простор, па неколку стотици луѓе од Велика Британија, Дубаи и од Русија веднаш допатувале во малиот град, кој е оддалечен само околу еден час возење од Палермо. Истовремено, телефоните во градската управа не престанале да ѕвонат.
- Ни се јавуваа од Сиднеј, Лондон и од Њујорк и за само неколку недели добивме околу 100.000 пораки од потенцијални купувачи, кои воедно ги резервираа првите летови за Сицилија - вели Качиопо.
Поради огромниот интерес, цената на куќите малку и се зголемила. Досега на аукција се продадени 16 куќи, при што најевтината била илјада евра, додека најскапата е продадена за 25.000 евра. Цените на останатите куќи се движат меѓу 5 и 10 илјади евра, а купувачите се само странци, и тоа Британци, Руси, Чилеанци и Израелци. покрај куќите продадени на акцијата, странците купиле уште 50 куќи.
- Не очекувавме толку голем успех, ова е неверојатно. Успеавме да заработиме вкупно милион евра, што е вистинско богатство за мал град како нашиот - вели
Џузепе.