X
 12.05.2020 Образование

Турски студенти создале виртуелна читалница за заедничко учење во текот на пандемијата

Новиот коронавирус ги затвори факултетите, но некои студенти пронашле креативни начини за продолжување на учењето и активностите.

Група турски студенти направија иницијатива за виртуелна читалница која им помага на студентите во Турција заедно да учат во текот на пандемијата. Иницијативата е на четворица студенти. Виртуелната читалница привлекува студенти од целата земја, но и од Велика Британија, Германија и други места.

Еден од иницијаторите, докторандот Ахмет Бахадин Ерсоз, објаснува дека студентите се навикнати да учат и да работат на проекти во факултетски библиотеки или читалници.


Фото: Pixabay

- Бидејќи не можевме да се видиме со пријателите и да учиме заедно, се чувствувавме осамено. Ни беше потребно да се чувствуваме како да не сме единствените што имаат проблем да се концентрираат - вели тој.

Групата студенти се сетиле на идејата откако било објавено дека универзитетите ќе останат затворени до крајот на семестарот. Студентите го користат софтверот за видеоконференции „Зум“.

Студентите што сакаат да се приклучат може да го сторат тоа користејќи ги своите компјутери во кое било време од денот. Администраторите ги менаџираат сесиите за учење, а секоја сесија е поделена на 25-минутни периоди со кратка пауза помеѓу нив. Администраторот споделува и инструментална музика за мотивација.

Читалницата е достапна преку социјалните мрежи „Инстаграм“ и „Твитер“.


Автор: Фирдевс Булут
Извор: aa.com.tr
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование