Светот делумно ја предизвика пандемијата со непочитување на природата, вели Џејн Гудал и ги повикува луѓето да донесат етички избори за подобра заштита на планетата.
- Мојата мисија е да им помогнам на луѓето да разберат дека ние, делумно, сами го предизвикавме Ковид-19 поради непочитување на природата и непочитување на животните - изјави светски познатиот етолог во интервју за „Еуроњуз“.
- Ние ги туркаме животните во поблизок контакт со луѓето. Ги ловиме, ги јадеме, ги продаваме како егзотични миленичиња низ целиот свет, ги ставаме во фабрички фарми со ужасни услови и сите овие ситуации можат да доведат до средина каде што патогенот, како вирус, може да скокне од животно на личност и може да предизвика нова болест како Ковид-19 - додава Гудал.
86-годишната Гудал ја посвети својата кариера на заштита на шимпанзата. Нејзината намера е да направи разлика во однос на тоа како сите ја перципираме и ја третираме нашата околина.
Таа ги охрабрува другите луѓе да научат нешто повеќе за зачувување на животните и ефектите на климатските промени.
Во 1991 година Гудал ја почна својата програма „Рутс енд шутс“ што сега е глобална иницијатива чија цел е да ги поттикне младите да учествуваат во шеми на заедницата, еколошки шеми и шеми за грижа на животните. Програмата е активна речиси во 70 земји и спроведува кампањи за различни проблеми, почнувајќи од лошото третирање на животните до загадувањето на морињата со пластика.
Фото: Screenshot/YouTube
- Главната порака на „Рутс енд шутс“ е дека секој ден од вашиот живот имате одредено влијание и можете да изберете какво ќе биде тоа влијание, барем ако потекнувате од богато семејство. Ова не се однесува на оние што живеат во сиромаштија, кои едноставно треба да направат што било за да останат живи. Ако милијарди луѓе донесат етички избор за тоа како ќе живеат, тогаш ние ќе се движиме кон подобар свет - вели таа.
Гудал ја потенцира врската помеѓу сиромаштијата и уништувањето на животната средина, нагласувајќи дека загубата на живеалиштата на шимпанзата делумно се должи на големата сеча и рударските компании, но исто така и поради тоа што повеќе луѓе живеат во одредена област што не може да издржи толкав број на жители.
- Се исекуваат последните дрвја во очајнички напор да се одгледува храна. Тогаш сфатив дека ако не им помогнеме на луѓето да најдат начин за заработка за живот без да ја уништуваат природната средина, тогаш не можеме да се надеваме дека ќе ја спасиме животната средина - вели таа.
Гудал вели дека организациите како „Бунт против истребување“ и „Петоци за иднината“ ја зголемуваат свеста за климатските промени, но истакнува дека нејзините тактики се разликуваат од нивните.
- Мојот метод отсекогаш бил овој: ако сакаш промена, тогаш мора да дојде од самата личност. Затоа се обидувам да раскажувам приказни - за да стигнам до срцата на луѓето. Честопати функционира - вели таа.
Извор:
Euronews
Фото: Instagram