Секоја нова и оригинална идеја може да се претвори во успешен бизнис. Започнувањето сопствен бизнис е многу полесно со помош на денешната технологија и социјалните мрежи. Студентката Бо Џесап е пример за тоа. Таа започнала бизнис кога се запишала на факултет, на 19-годишна возраст, а сега, три години подоцна, заработува илјадници долари и сама го плаќа факултетот.
Нејзиниот бизнис се занимава со давање имиња на кинески бебиња. Џесап е основач и извршен директор на „
Спешл нејм“, веб-страница која има цел на кинеските родители да им понуди културолошки соодветни англиски имиња за нивните бебиња. Таа досега им дала имиња на над 700.000 бебиња и заработила над 400.000 долари.
Џесап ја добила идејата додека била во Кина, каде што била замолена од страна на една мајка да ѝ помогне да осмисли западно име за нејзината тригодишна ќерка. Кинеските родители кои бараат инспирација немаат многу места на кои може да ја пронајдат бидејќи повеќето веб-страници се цензурирани или достапни само на англиски јазик.
Младата претприемачка ја креирала веб-страницата со инвестиција од 1.500 долари, кои ги позајмила од својот татко. Овие пари ги потрошила на веб-дизајнер кој ја изработил веб-страницата, а самата ја изградила базата на податоци прегледувајќи книги со имиња.
Корисниците на нејзината веб-страница кажуваат карактеристики за своето бебе, а потоа алгоритам генерира три предлози. Резултатите се интегрирани со кинеската апликација „Вичет“, па корисниците може да ги споделат со семејството и пријателите.
Поради големиот интерес, Џесап морала да вработи тим за одржување на веб-страницата, а добила и понуди за продажба. Студентката ги инвестирала приходите во плаќање на своите студии, а остатокот планира да го инвестира во недвижности.
Извор:
Studomat
Насловна фотографија:
Beau Jessup