X
 12.06.2018 Живот

Што кажуваше говорот на телото на Ким и на Трамп при средбата?

Во првите моменти од средбата во Сингапур и американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун настојуваа да остават впечаток дека се „главни“, но истовремено на почетокот на самитот покажуваа и знаци на нервоза, оценуваат експертите за говор на телото.

Според нив, американскиот претседател во првите 13 секунди, колку што ја држеше раката на Ким, покажа вообичаена доминација бидејќи прв му пријде на Ким и го потчукна по рамото.

Не сакајќи да остане во сенка, Ким цврсто ја прифати неговата рака и во текот на ракувањето го гледаше в очи пред да се сврти кон новинарите.

- Тоа не беше вообичаено ракување. Рацете им одеа горе-долу, секој по малку влечеше на својата страна. Не дозволуваа другиот да биде доминантен - истакна австралискиот експерт за говор на телото Алан Пис.

Оставањето впечаток на авторитет му оди многу добро на американскиот претседател. Како светски лидер, бизнисмен и поранешна телевизиска ѕвезда, тој многу добро е упатен во тоа како ефикасно да го искористи говорот на телото. Неговата висина исто така му дава предност пред Ким.

Додека двајцата одеа кон книжарницата каде што првпат се сретнаа лице в лице, Трамп настојуваше да ја ублажи напнатоста која се чувствуваше, разговараше со Ким и му дозволи да оди малку пред него.

Меѓутоа, Трамп ја задржа контролата потчукнувајќи го по рамото и водејќи го кон книжарницата. Ким е речиси двапати помлад од Трамп и главно гледаше во подот и слушаше додека Трамп зборуваше, но и неколку пати го креваше погледот во текот на разговорот.


- Доналд Трамп зборуваше помирливо, речиси покорно, но и неговиот јасен говор на телото покажуваше „тука јас сум главен“. Да не ги знаете нив двајца, би рекле дека ова се татко и син. Ким по малку изгледаше како дете во забавен парк: не беше исплашен, туку возбуден и по малку нервозен - оцени Пис.

Во меѓувреме, кратко по почетокот на состанокот меѓу Трамп и Ким, поранешниот американски кошаркар Денис Родман се вклучи во преносот во живо на Си-ен-ен. Од страна на телевизијата Родман беше претставен како „најдобриот извор за информации за двајцата лидери, особено за Ким“ бидејќи Родман во неколку наврати ја посети Северна Кореја и се дружеше со Ким, а неколку пати беше и во друштво на Трамп.

Разговорот брзо стана толку емотивен што кошаркарот, кој носеше капа со познатиот слоган од кампањата на Трамп „Make America great again“, се расплака. Солзите му потекоа во моментот кога зборуваше за својата лојалност и доверба во Северна Кореја.

- На сите им велев дека вратата ќе се отвори. Ова е прекрасно, прекрасно, прекрасно... Кога го велев тоа, кога се враќав дома оттаму, добивав толку смртни закани, а верував во Северна Кореја... Не смеев да си дојдам во сопствената куќа, морав да се кријам еден месец, но мојата глава остана крената бидејќи знаев дека нештата ќе се променат. Нема веќе омраза - рече Родман.

Тој додаде дека во оваа ситуација воопшто не го интересира политика. Родман за Ким рече дека е „големо дете, иако е низок“. Објасни дека Ким сака да се забавува, дека му посакува добро на својот народ и дека би сакал да ги посети САД. Наведе и дека кога станува збор за кошарка, тој доста разбира англиски.

Трамп и Ким се сретнаа во Сингапур на историските разговори одржани со цел изнаоѓање решение за нуклеарното прашање на Корејскиот Полуостров. Доколку успеат, тоа би можело да донесе промена на полето на безбедноста во североисточна Азија, како што посетата на поранешниот американски претседател Ричард Никсон на Кина во 1972 година доведе до трансформација на таа комунистичка земја.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот