12.06.2018
Живот
Што потпишаа Доналд Трамп и Ким Јонг-ун?
Американскиот претседател Доналд Трамп и севернокорејскиот лидер Ким Јонг-ун во Сингапур потпишаа декларација која беше објавена од новинската агенција Ројтерс.
Еве го целиот текст на историската декларација:
„Претседателите Доналд Трамп и Ким Јонг-ун денеска го одржаа првиот историски самит. Претседателите водеа сеопфатна, длабока и искрена размена на мислења поврзани со воспоставување нови односи меѓу САД и Северна Кореја и со изградбата на одржлив мир на Корејскиот Полуостров. Трамп се обврза да ѝ даде безбедносни гаранции на Северна Кореја, додека Ким Јонг-ун ја потврди неговата посветеност на завршувањето на денуклеаризацијата на Корејскиот Полуостров.
Убедени дека новите американско-севернокорејски односи ќе придонесат за мирот и просперитетот на Корејскиот Полуостров и на целиот свет, а признавајќи дека изградбата на заемна доверба може да промовира денуклеаризација на Корејскиот Полуостров, Доналд Трамп и Ким Јонг-ун го изјавуваат следното:
1. САД и Северна Кореја се обврзуваат на воспоставување нови односи во согласност со желбите за мир и просперитет на народите во двете држави.
2. САД и Северна Кореја ќе ги здружат напорите за да изградат траен мир и стабилност на Корејскиот Полуостров.
3. Повикувајќи се на Декларацијата од Панмунџом, Северна Кореја се обврзува на работа на комплетна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
4. САД и Северна Кореја се обврзуваат на барањето на остатокот од воените заробеници и исчезнати војници, вклучително и на репатријацијата на идентификуваните.
Имајќи предвид дека самитот меѓу челниците на САД и на Северна Кореја е епохален настан со големо значење, кој надминува децении полни со тензии и непријателства, Доналд Трамп и Ким Јонг-ун се предадени на целосната имплементација на наведените постулати.
САД и Северна Кореја се обврзуваат на продолжување на преговорите, кои ќе ги води министерот за надворешни работи на САД, Мајк Помпео, и значаен државник од Северна Кореја со цел имплементирање на договорот од денешната средба.
Доналд Трамп и Ким Јонг-ун се определија за соработка во развојот на американско-севернокорејските односи и развојот на мирот, просперитетот и сигурноста на Корејскиот Полуостров и на целиот свет.
Подготвил: Билјана Арсовска