Легендарниот физичар Стивен Хокинг изразува разочарување и грижа за насоката во која се движи климата на Земјата, особено поради одлуката на претседателот на САД, Доналд Трамп, за повлекување од Парискиот климатски договор.
фото извор: Flickr
Тој смета дека сме на работ од моментот кога ситуацијата ќе биде неповратна. „Со одбивањето на доказите за климатски промени и излегувањето од договорот, Доналд Трамп ќе предизвика еколошко оштетување на нашата планета, загрозување на природниот свет, за нас и за нашите деца“, вели Хокинг.
Веќе е предоцна да се преземат мерки за превенција од целосниот ефект на климатските промени. Просечната температура на Земјата е зголемена за 0,6 Целзиусови степени, што иако не звучи многу, всушност е голема промена за животната средина.
Ако таа просечна температура се искачи уште повисоко, тогаш ќе се појавуваат разни аномалии во природата, со екстремни временски услови. Ќе има повеќе урагани, повеќе топлотни бранови, топење на мразот и многу други појави.
Хокинг смета дека мнозинството од светската моќ треба да направи интернационални напори за преземање мерки, но кога тоа не се случува, тогаш ќе надвладее песимизмот. Тој во неколку наврати истакна дека човекот треба што побрзо да ги истражува другите планети за да може во иднина да патува надвор од нашиот Сончев Систем, со цел да се зачува човечката раса.