Претседателот на САД, Доналд Трамп, пред неколку дена порача дека на наставниците би требало да им се даде оружје, со што би се спречиле вооружените напади во училиштата. Изјавата на Трамп следуваше неколку дена по протестите организирани по пукањето во училиште на Флорида, кога загинаа 17 лица.
Во средата Трамп се сретна со учениците во училиштето од Флорида. По разговорот, предложи на наставниците да им се даде оружје заради превенирање слични напади.
Еден од наставниците вели дека во своите чизми носи „глок“, па во случај на пукање, кога училиштето ќе биде блокирано, тој да тргне по напаѓачот.
На прашањето дали е подготвен доколку се сретне со напаѓачот да донесе одлука поврзана со живот или смрт, тој одговари потврдно, пренесува
Би-би-си.
„Дали можам да промашам? Да, веројатно, но дали би сакале да има 50 мртви деца или едно? Нашата заедница сака учениците да бидат безбедни. Ако наставниците се подготвени да поминат и обука, мислам дека би требало да имаат можност први да помогнат“, вели тој.
Гувернерот на Флорида, Рик Скот, ги најави плановите за поставување поголем број вооружени чувари во училиштата, како и мерки за потешка достапност до оружје за младите и лицата со душевни болести.
Иако многумина упатија критики дека овие мерки не се доволни, сепак, тие се значајни за Флорида, државата која не донела никаков вид контрола врз оружјето откако републиканците ја презеле контролата во локалната влада во оваа американска држава.
Гувернерот Скот на прес-конференцијата во Талахаси предложи да се забрани продажбата на оружја за секој помлад од 21 година, како и тоа во секое училиште да се постави обучен припадник на полицијата, додека во поголемите училишта да биде распореден по еден полицаец на секои 1.000 ученици.