Првата реакција од ИТ-заедницата на ова што го правам беше повеќе од позитивна. Откако направив неколку видеа, линк до видеата ставив на една фејсбук-група и реакцијата беше одлична - вели ИТ-програмерот од Св.Николе
ИТ-заедницата може малку и да здивне и работите што не ѝ се јасни да ги дознае на македонски јазик. Програмерот Никола Ѓоргиев од Свети Николе, кој програмира компјутерски игри во последните пет години, создаде бесплатни туторијали на македонски јазик за почетно и за напредно ниво.
„Мал чекор од твоја страна, но голем за нацијата - барем оние кои сакаат да се едуцираат. Браво!“ - ова е еден од коментарите под
туторијал за почетници што го изработи Никола.
Дипломец на Факултетот за информатика на Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип во 2013 година, овој светиниколчанец одлучил да направи нешто од срце за ИТ-заедницата во земјава.
- Идејата за овој проект потекнува уште од моите студентски денови, тогаш започнав нешто слично, правејќи пишани туторијали со цел да им помогнам на колегите и да поделам дел од своето знаење со нив. После тоа се вработив и идејата стагнираше некои пет години. Во меѓувреме барав слободно време да работам и други проекти, но никако да се најде и пред некој месец донесов одлука, да одморам малку од работа и да се фокусирам на тие проекти што сакав да ги реализирам. Ја напуштив работата и почнав да се фокусирам на проектот со видеата – вели Ѓоргиев.
Тој најпрво снимил еден серијал од 24 видеа наменет за апсолутни почетници и проектот го објавил на фејсбук-група.
- Уште од првиот ден наидов на голема поддршка. Периодов снимам и втор серијал со понапредни видеа и паралелно со нив пишувам и нешто како мини-книга или дополнителен материјал за видеата – објаснува Никола.
Повеќе од позитивна била првата реакција од ИТ-заедницата за неговите туторијали.
- Првата реакција од ИТ-секторот на ова што го правам беше повеќе од позитивна. Откако направив неколку видеа,
линк до видеата ставив на една фејсбук-група и реакцијата беше одлична. Што се однесува до посетеноста, искрено моментално е мала, да речеме во просек има по 50-60 прегледи по видео и каналот има 370 следбеници, што не е малку, но не е ни многу, а причината за тоа најверојатно е што видеата сѐ уште немаат допрено до тие за кој се наменети – вели тој.
Никола нагласува дека овој проект не го работи за некаква финансиска корист. Во видеата нема спонзорирани содржини.
Никола Ѓоргиев
- Во дел од видеата имам нагласено дека немам намера да добијам каква било финансиска корист од нив, и доколку ги погледате, ќе забележите дека во ниту едно нема ниту некои спонзорирани содржини, ниту пак има реклами. Идејава ми е чисто да дадам некој мал придонес за ИТ-заедницава. Досега сѐ оди според планот. Веќе снимам и втор серијал со напредни туторијали. Паралелно со видеата пишувам и нешто како мини- книга – вели Никола.
Тој не застанува овде. Планира и трет серијал, кога каналот ќе надмине 500 следбеници и тој ќе биде најверојатно за Unity и правење на компјутерски игри, објаснува програмерот.
- Се надевам дека видеата во иднина ќе допрат до што е можно повеќе корисници – завршува Никола.