X
 12.06.2020 Наука

Прототип на град на Марс ќе се гради во пустина во Дубаи

Дубаи е град во кој се градат архипелази од ништо и згради кои стигнуваат до облаците. Сега, овој пустински град е подготвен на светот да му го претстави најновиот архитектонски проект.

Во 2017 г. Обединетите Арапски Емирати изјавија дека планираат да го колонизираат Марс во следните 100 години. Архитектите веќе замислуваат како би изгледал еден град на Марс и планираат да изградат прототип надвор од Дубаи.

„Марс сајенс сити“ или „Научен град на Марс“ треба да покрива површина од 176.000 квадратни метри во пустината, што е еднакво на 30 фудбалски игралишта, и да чини околу 135 милиони долари. Архитектонската група „Брајк Ингелс“ го дизајнира прототипот на градот.



За да има удобна температура за живот и воздушен притисок погоден за живот, градот на Марс би бил направен од биолошки сфери кои би биле проѕирни, а во нив би имало кислород. Овие сфери би се спојувале како што се зголемува населението на Марс и би станале села, а потоа и градови кои би добиле форма на прстен. Градот би можел да се снабдува со енергија од Сонцето, а тенката атмосфера би им помогнала на сферите да ја задржат температурата.

Во сферите би биле изградени згради со 3Д-печатач. Собите би оделе и под површината на земјата за заштита од штетна радијација и метеори. Таваните на собите се замислени како водени прозорци, слично на аквариуми, што би ги заштитувало жителите од радијацијата, притоа овозможувајќи пристап до светлина.



Замислениот дизајн е во концепт-фаза и сè уште не е дефинитивен, но архитектите сметаат дека елементите би биле погодни за живот на Марс. Сè уште нема план за точниот период кога би почнала изградбата на прототипот.

Проектот е само еден дел од амбициозната вселенска програма на Дубаи. Минатата година градот го испрати првиот астронаут во вселената, а летово планира да испрати летало до Марс.

Извор: Си-ен-ен Фото: big.dk
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука