Жителите на Стромболи, мал италијански остров кој воедно е и активен вулкан, со векови живееле во сенката на ерупциите. Но, денес нивните домови ги загрозува неочекуван непријател - дивите кози. Овие животни ја уништуваат вегетацијата, ги оштетуваат куќите и го тероризираат локалното население до тој степен што дел од жителите размислуваат да го напуштат островот.
Навикнати на ерупции, лава и вулкански карпи, мештаните велат дека новиот проблем предизвикува далеку поголема штета и го загрозува нивниот начин на живот.
- Моето семејство е тука од 17 век, но ако козите продолжат да се размножуваат, ќе морам да го напуштам Стромболи - вели локалниот трговец Џанлука Ѓуфре.
Стромболи е последниот во низата Еолски Острови северно од Сицилија, каде што дивите кози добиваат предност пред човекот. Како и на соседниот остров Аликуди, зголемениот број кози ја уништува автохтоната вегетација, ги руши старите камени земјоделски тераси, влегува во куќите, па дури и ги напаѓа луѓето.
- Бев во мојата градина кога големо стадо влезе барајќи храна. Огромна коза која ги предводеше ме гледаше заканувачки кога се обидов да ги избркам и сите тргнаа кон мене и ме соборија - раскажува Федерико Ашери, еден од жителите на Стромболи.
- Козите станаа толку агресивни што почнаа и меѓусебно да се борат - додава неговата партнерка, Самира Салхи.
Стотици кози го тероризираат малото пристаниште Џиностра, во кое живеат само 40 жители. Ѓуфре, кој ја предводи кампањата за нивно отстранување, ја објаснува сериозноста на проблемот.
- Неколку домашни кози успеаја да избегаат во 1990-тите и со размножување се спуштија од падините на вулканот во потрага по храна. Ги наоѓаме на гробиштата, дури и во црквата, а мојот 78-годишен татко се плаши да излезе од дома. Ги уништуваат земјоделските тераси, што предизвикува одрони за време на дождови, и ги оштетуваат патеките кои ги користиме за евакуација до пристаништето или хелиодромот при ерупции. Дури ги оштетија и светлата за слетување на хелиодромот - вели тој.
„Направија поголема штета за три години отколку вулканот за векови“
Последната голема ерупција на Стромболи беше во 2019 година, кога облак пепел висок два километра се издигна над островот, а вжештените карпи убија еден планинар. Сепак, Ѓуфре тврди дека козите направиле поголема штета.
- Направија поголема штета за три години отколку вулканот за цели векови. Властите ја потценуваа ситуацијата, но сега ја признаваат кризата бидејќи мештаните и туристите се бесни и сфаќаат дека може да следат тужби ако некој биде сериозно повреден - вели Ѓуфре.
78-годишната Даниела Симонцини, сопственичка на куќи за одмор, стравува за своите 200 години стари маслинки, откако козите се качиле на гранките за да ги изедат листовите.
Властите најавуваат отстрел
Проблемот со дивите кози не е нов за регионот. На соседниот Аликуди, минатата година пропадна планот да се префрлат 800 кози кај одгледувачи на копното бидејќи животните се покажале како премногу вешти за ловците. Поради тоа, регионалните власти оваа есен ќе испратат ловци за отстрел на козите на Аликуди.
Сицилијанскиот функционер за рурален развој Џовани Дел'Аква најавува сличен пристап и за Стромболи.
- Ќе видиме како ќе оди на Аликуди, каде што целта е искоренување на козите, па потоа би можеле да преминеме и на Стромболи и да го направиме истото - изјави тој.
Додаде дека итноста на ситуацијата е поважна од забелешките на здруженијата за права на животните.
- Месото од коза е присутно во секоја месарница во Италија. Ова не е скандал - заклучува тој.
Извор:
Index.hr
Фото: Twitter