X
 12.06.2023 Технологија

Создаден бетон што ги отстранува штетните честички во воздухот

Познато е дека сообраќајот е еден од најголемите загадувачи на животната средина. Затоа, група инженери од Јужна Кореја мислат дека би било одлично доколку патиштата можат да помогнат во прочистувањето на воздухот. Истражувачи од Корејскиот институт за градежништво и градежна технологија (KICT) создале бетон кој дел од штетните материи во воздухот ги претвора во безопасни. Благодарение на овој бетон, воздухот во тунелите може да биде почист.

Во нивното истражување, научниците обложиле бетонски системи со титаниум диоксид, кој реагира на светлина и произведува реактивни молекули на кислород кои, благодарение на нивната силна оксидативна моќ, разградуваат некои од штетните честички во воздухот, како испарливи органски соединенија, азотни оксиди, оксиди на сулфур и амонијак.

Бетонот бил тестиран во тунел, на чии ѕидови било поставено дополнително осветлување за да се поттикнат реакции во бетонот. Загадувањето е обично поголемо во тунелите отколку на отворен простор поради послабата циркулација на воздухот.

За време на тестирањето, научниците откриле дека нивоата на азотни оксиди паднале за околу 18 отсто во текот на 24 часа, а како краен производ на реакцијата била добиена сол формирана делумно од содржината на калциум во бетонот. Научниците посочиле дека овој процес овозможува неограничено функционирање без потреба за одржување.

Д-р Јонг-Вон Кварк, главен истражувач на проектот, вели дека ваквата технологија може да има моментален ефект врз намалувањето на штетните честички. Планот е да се соработува со локалните самоуправи со цел технологијата да се демонстрира и комерцијализира.

Извор: Gradjevinarstvo
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија