Луѓето што во виртуелната реалност биле во улога на Алберт Ајнштајн навистина различно размислувале и одлучувале, а кај некои од нив бил забележан и повисок коефициент на интелигенција, покажува најновото истражување.
- Виртуелната реалност може да создаде илузија како да сте во друго тело, што се нарекува виртуелна инкарнација - вели професорот Мел Слатер од Универзитетот во Барселона.
- Во виртуелна средина учесниците можеа во огледало да го видат новото тело што точно одговара на нивните движења, помагајќи им да се создаде моќна илузија дека новото виртуелно тело е нивно.
Фото: Profimedia
Истражувањето спроведено од професор Слатер со неговите соработници вели дека виртуелната инкарнација на некој друг лик може да има значително влијание врз ставовите и однесувањето. Новото истражување открива дека учесниците со ниска самодоверба постигнале подобри резултати на тестовите за интелигенција кога имале лик на некој гениј.
За истражувањето да го однесат чекор понатаму, а виртуелниот експеримент на наредното ниво, тие се запрашале дали импресивното искуство може да ја промени когнитивната способност.
- Ако некому дадеме препознатлив лик што претставува врвна интелигенција, како оној на Алберт Ајнштајн, дали таа личност ќе ги извршува когнитивните задачи подобро од луѓето што добиле нормално тело? - прашува истражувањето.
Во експериментот учествувале 30 млади луѓе. Пред искуството со виртуелната реалност секоја личност поминала три теста со кои биле измерени интелектуалната способност, самопочитта и емпатијата кон постарите луѓе. Учесниците потоа биле облечени во костум што изгледал како телото на Ајнштајн, а добиле и слушалки за виртуелна реалност и очила.
Истражувањето покажало дека луѓето со ниска самодоверба постигнале подобри резултати во когнитивното испитување, а сите испитаници покажале поголема толеранција кон постарите луѓе.
Истражувачите што стојат зад истражувањето се надеваат дека
резултатите најмногу ќе им бидат од корист на студентите, особено на оние со ниска самодоверба бидејќи можат да го променат размислувањето за себе.