Веќе знаевме дека некои системи за препознавање лица се мачат точно да ги идентификуваат лицата со потемна кожа. Сега знаеме дека многу од системите со вештачка интелигенција (АИ) дизајнирани да им помогнат на автономните автомобили да ги навигираат патиштата го имаат истиот проблем, а резултатот би можел несразмерно да ги загрози пешаците со потемна кожа.
Во нов труд, истражувачите од Институтот за технологија од Џорџија, САД, наведуваат детали од нивната истрага на осум АИ модели користени во најновите системи за детекција на објекти. Тоа се системите што им овозможуваат на автономните возила да препознаваат сообраќајни знаци, пешаци и други објекти.
Тие ги тестирале овие модели користејќи фотографии од пешаци поделени во две категории врз основа на нивното рангирање на Фицпатриковата скала, која често се користи за да се класифицира бојата на човечката кожа.
Според истражувачкиот труд, моделите имале послаби перформанси кога биле соочени со пешаци со боја на кожата од трите најтемни бои од скалата.
Во просек, точноста на моделите опаднала за 5 отсто кога била испитувана групата што содржела фотографии од пешаци со потемна боја на кожата, дури и кога истражувачите ги зеле предвид променливите како онаа дали фотографијата била направена преку ден или преку ноќ.
Тимот од Џорџија истакнува дека би можеле да сме на пат кон иднина во која светот полн со автономни автомобили не е толку безбеден за луѓето со потемна кожа колку што е за пешаците со посветла боја на кожата.
Сепак, благодарение на студијата, тие сфатиле што е потребно да се направи за да се избегне иднина на пристрасни автономни автомобили: да почнат да вклучуваат повеќе фотографии од пешаци со потемна боја на кожата во податоците со кои се тренираат системите и да дадат поголема важност на точно детектирање на тие
фотографии.