Паралелното паркирање без сомнение им задава најголеми маки на возачите. И покрај стереотипот дека женските возачи не се многу добри во оваа вештина, праксата покажува дека тоа важи за двата пола еднакво.
За сите оние што се обидуваат да го паркираат автомобилот во, за нив, неверојатно мал простор, научниците откриле математичка формула што ќе им ги скрати маките. Формулата ја измислил Сајмон Р. Блекбурн, математичар од Универзитетот во Лондон. Тој ја искористил Питагоровата теорема и променливи (радиус на вртење на автомобилот, растојание од центарот на предното тркало до предниот дел од автомобилот и ширината меѓу веќе паркираните автомобили) за да го создаде она што го нарекува „совршено паркирање“, со кое во еден потег автомобилот ќе биде паркиран. Ако во формулата ги вклучите вредностите специфични за вашата ситуација, ќе ви покаже колку долго треба да биде местото за паркирање за совршено да го паркирате возилото.
Како што претпоставувате, мала е веројатноста од вас да се очекува да извадите линијар од џебот и да го измерите растојанието. Затоа, математичката формула ја преведуваме во четири едноставни чекори:
- Застанете покрај автомобилот пред местото каде што сакате да паркирате и израмнете ги вашите задни гуми со браникот од тој автомобил.
- Свртете ги тркалата кон работ на тротоарот колку што ви дозволува воланот.
- Одете наназад сè додека центарот на внатрешната задна гума не е порамнет со страничниот раб на тротоарот. Исправете ги
тркалата и продолжете да одите наназад.
- Кога вашата надворешна гума е порамнета со истиот раб, свртете ги тркалата во насока на улицата и продолжете да се движите наназад.