X
 12.07.2021 Живот

Објавена листата со најмоќни пасоши за 2021 година: На кое место е македонскиот?

Во извештајот изготвен од компанијата „Хенли енд партнерс“, кој ги рангира патничките документи на 199 земји уште од 2006 година, Јапонија повторно се најде на врвот на листата бидејќи индексот на пасошот не ги зема предвид привремените ограничувања.

Јапонскиот пасош нуди можност за патување без виза или автоматско добивање виза во 193 дестинации низ светот.

Како што наведуваат истражувачите, во првиот квартал од 2021 година меѓународните патувања опфаќале само 12 отсто од нивото пред пандемијата, што значи дека јазот помеѓу теоретскиот и реалниот пристап за патување што го нудат добрите пасоши и понатаму е значителен.

Списокот со топ-10 земји останува практично непроменет како што влегуваме во втората половина на годината. Сингапур е на второто место и со сингапурскиот пасош може да се влезе во 192 земји, по што следува Јужна Кореја, која го дели третото место со Германија и можност за влез во 191 земја.

Финска, Италија, Луксембург и Шпанија се на четвртото место, Австрија и Данска на петтото место, додека Франција, Ирска, Холандија, Португалија и Шведска се на шестото место.

САД и Велика Британија, заедно со Швајцарија, Белгија и Нов Зеланд се на седмото место.

pasos
Фото: Freepik

Моќта на пасошите на САД и на Велика Британија постепено опаѓа од 2014 година. Во теорија, оние што поседуваат британски или американски пасош можат да одат на 187 дестинации, но во реалноста имаат пристап до околу 60 и 61 дестинација, соодветно.

Чешка, Грција, Малта и Норвешка се на осмото место, Австралија и Канада на деветтото место, а Унгарија на десеттото.

Што се однесува до последните места, најлоши позиции зазедоа земјите чии пасоши дозволуваат безвизен влез во помалку од 40 земји во светот: Северна Кореја, Непал, палестинските територии, Сомалија, Јемен, Пакистан, Сирија, Ирак и Авганистан.

Каде е Македонија?

Македонија се најде на 46. место. Како што се наведува во извештајот, пасошот на Македонија дозволува влез во 126 земји.

Како стојат поранешните југословенски републики? Словенија се најде на 12. место, чиј пасош дозволува влез во 182 земји без виза, додека Хрватска се најде на 17. место со влез во 173 земји. Србија го зазеде 38. место, а српскиот пасош овозможува влез во 139 земји. Црна Гора се најде на 47. место, со влез во 124 земји, а Босна и Херцеговина има најлош ранг од сите поранешни југословенски републики и се најде на 53. место, со слободен влез во 117 земји и територии.

Извор: Henleyglobal.com | Stuff.co.nz
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот