Економистите укажуваат дека и покрај недостигот на работници во одредени дејности, во следниов период не може да се очекува нагол раст на економијата, а со тоа и голема побарувачка на работна сила
И покрај растот на невработеноста во земјава, предизвикана од корона-кризата која ги стресе вообичаените економски текови, последниов период зачестија алармите дека за одредени дејности недостигаат стручни кадри, но и дека нема интерес на огласите за вработување. И пред појавата на пандемијата, во Македонија се чувствуваше недостиг на одредени кадри за кои е потребна средна стручна спрема и кои се поврзани, пред сè, со дејности кои би можеле со еден збор да се опишат како мајстори. Но, по пандемијата угостителите алармираат дека нема работници од сите дејности опфатени во нивната област. Бизнисмените посочуваат дека засега недостиг на квалификуван кадар е само во одредени дејности, но додаваат дека по целосно надминување на оваа здравствено-економска криза повторно ќе се чувствува недостиг на кадар во повеќе области.
- По завршување на кризата недостигот на квалификувана работна сила повторно ќе биде главен проблем на македонската економија. Во времето на пандемијата овој проблем не се чувствуваше затоа што во речиси сите сектори имавме намалување на активностите - вели Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија (ОРМ).
Димитров укажува дека проблемот со иселувањето не е надминат со пандемијата, туку само привремено одложен, поради што смета дека треба да се бараат посеопфатни решенија кои ќе овозможат напредок на целата земја, а на тој начин и задржување на младите во земјата.
- Ние не треба да стравуваме, туку треба да бидеме свесни за проблемот со иселувањето на младите во развиените држави и да се обидеме овој проблем да го намалиме иако едноставно решение не е можно. Младите преку интернет се запознаени со стандардот и условите на живот во европските развиени држави. Затоа, без разлика на нивото на образование, сите млади посакуваат да живеат во земја со поголеми плати, со подобра инфраструктура, без политички притисоци и неизвесности. Проблемот е што нашата економија, со постојната структура не е во можност да обезбеди повисоки плати и да го подигне животниот стандард. Промената на структурата бара инвестиции во опрема и знаење и тоа на еден подолг период. Но, истовремено треба да работиме на департизација на општеството, владеење на правото, почитување на законите и другите области во животот, за што не ни се потребни пари, туку политичка волја, меѓусебно разбирање и консензус за најважните прашања за иднината на државата - потенцира Димитров.
Сепак, економистите укажуваат дека и покрај недостигот на работници во одредени дејности, во следниов период не може да се очекува нагол раст на економијата, а со тоа и голема побарувачка на работна сила.
- Секогаш кога има недостиг на работници во некој сектор, капиталистите имаат опција да ги зголемат платите и да ги подобрат условите за работа, па тој недостиг на работници брзо ќе се намали. Сепак, стравувам дека ваквиот недостиг на работници е исклучок, а не правило. Нас, како земја, не ни следи отворање по главниот бран на пандемијата, туку влошување на кондицијата на економијата. Во најдобар случај, стагнацијата ќе продолжи уште одреден период. Во таква ситуација, повеќе работници ќе се соочуваат со ризик од невработеност и осиромашување отколку капиталистите што ќе се соочуваат со недостиг на работна сила - вели универзитетскиот професор Здравко Савески.
Економистите укажуваат дека иако несигурноста на работните места во Македонија, но и неможноста да се најде работа по пандемијата ќе биде причина за повеќе граѓани да бидат дополнително мотивирани за иселување во поразвиените земји во потрага по подобро платена работа, изборот за работа во развиените земји ќе биде редуциран поради голем број новодојдени работници по пандемијата.
- Сигурно дека стремежот на многу работници преку иселување да го решаваат проблемот и потрагата по подобар живот ќе продолжи, но треба да се има предвид дека рецесијата не ја зафати само Македонија, туку многу земји во светот. Тоа значи дека од многу периферни земји луѓето ќе се стремат да се иселат во земјите од јадрото на капитализмот, но и таму, поради неповолната економска ситуација, слободните работни места нема да ги има во изобилство. Така што стремежот за иселување во овој период ќе може потешко да се реализира и ќе даде помала сигурност дека во земјата на иселување животниот стандард ќе се подобри онолку брзо како што беше пред пандемијата - потенцира Савески.
Деновиве зачестија укажувањата од угостителите дека има недостиг на работници, фалат келнери, готвачи, рецепционери, со акцент дека дури 50 отсто од кадарот во угостителството и туризмот недостига. Од Синдикатот за угостителство и туризам велат дека состојбата е алармантна, а вината ја гледаат кај газдите.
- Сведоци сме како работодавците од овие сектори бараат работници и се жалат, па им порачуваме сами да си работат или да им се извинат на работниците и да ги платат согласно работното место што го работат со коефициентите за плата пропишани во Колективниот договор за угостителство и туризам, за да се спаси туристичката сезона - велат од Синдикатот на угостителство и туризам. Угостителите речиси една година работеа со посебни рестрикции, со ограничено работно време, а некои периоди и воопшто не работеа. Според податоците на Синдикатот за туризам и угостителство од почетокот на корона-кризата, од 4 илјади до 20 илјади вработени го напуштиле угостителскиот сектор.
Фото: Борче Поповски