X
 12.08.2020 Технологија

Приказната за социјалната мрежа што Трамп сака да ја забрани

Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека ќе ја забрани „Тик-ток“ ако некоја американска компанија не го откупи нејзиниот бизнис во САД. Како оваа апликација за само две години успеа да привлече милион корисници и истовремено да биде доживеана како безбедносен ризик?

Црвено гумено мече стои само под придушената светлина на сцената. Се слуша гласот на Адел додека пее. Потоа, во следниот стих, камерата се повлекува наназад и открива стотици други необични гумени мечиња што пеат заедно.

Блесаво, симпатично и многу гледано. И за младата нова надеж меѓу видеоапликациите, „Тик-ток“ направи повеќе во тие 15 секунди отколку маркетиншки буџет што се мери во милиони.

Објавено во декември 2018 година, ова видео брзо доби милиони прегледи, но уште поважно - беше имитирано од илјадници други имитатори на социјалните мрежи.

Светот ја забележа апликацијата и „Тик-ток“ оттогаш ја привлече живата, креативна и млада публика која брои стотици милиони.

@davidkasprak

over 200 Haribos singing 😁 ##haribochallenge ##haribo ##adele ##concert

♬ #Me at the concert - #someonelikeyou
Потеклото на „Тик-ток“ се разликува од приказните за стартап-компании што претходно сме ги слушнале. Ова не е империја создадена од неколку пријатели со одлична идеја во гаражите на нивните мајки.

Всушност, апликацијата почнала како три различни апликации. Првата била „Мјузикал.ли“ лансирана во 2014 година, која почнала со работа во 2014 година во Шангај, но имала многу силни деловни врски со Америка и се здобила со публика на тој клучен пазар.

Во 2016 година кинескиот технолошки гигант „Бајтденс“ лансирал сличен сервис во Кина наречен „Доуџин“. За само една година апликацијата привлекла 100 милиони корисници во Кина и во Тајланд.

„Бајтденс“ сфатил дека тука има нешто и сакал да се прошири под друг бренд - „Тик-ток“. Така, во 2018 година ја купи „Мјузикал.ли“ и ја почна глобалната експанзија на „Тик-ток“.

Тајната на „Тик-ток“ лежи во неговата употреба на музика и исклучително моќен алгоритам, кој учи кои содржини корисникот сака да ги гледа многу побрзо од другите апликации. Корисникот може да избере од огромната база на податоци со песни, филтри и филмски инсерти со кои сака да глуми дека пее на плејбек.

Апликацијата инспирирала многу трендови, како што се „Old Town Road“ од Лил Нас Екс или „Bored in the House“ од Куртис Роуч. Дури и „Би-би-си њуз“ стана вирално кога Британците се забавуваа со дневните прес-конференции за коронавирусот.

Многу луѓе посветуваат време на страницата наречена „За тебе“. Тука алгоритамот им сервира содржини на корисниците предвидувајќи што сакаат врз основа на содржината со која веќе се сретнале.

На ова место се прикажува и содржина за која се мисли дека може да стане вирална. Идејата е дека ако содржината е добра, таа ќе оди далеку, без оглед на тоа колку следбеници има нејзиниот креатор.

Се појавија многу тик-ток-заедници, кои ги поврзала содржината што ја сакаат. Други корисници, вклучувајќи ги ЛГБТ и неинфлуенсерите, се на оваа платформа за да создадат информативна или духовита содржина.

тик ток
Фото: Freepik

Растот на „Тик-ток“ и неговата сестринска апликација „Доуџин“ беше метеорски. Во јули минатата година апликациите веќе имаа милијарда преземања низ светот, од кои 500 милиони биле активни корисници. Една година подоцна имале две милијарди преземања и околу 800 милиони активни корисници.

Забрзаниот раст на „Тик-ток“ им го привлече вниманието на политичарите. Што значи кога кинеска апликација толку брзо станува огромен дел од современиот живот?

Иако обвинувањата се неодредени, Индија и САД се загрижени дека „Тик-ток“ собира чувствителни податоци за корисниците што кинеската влада би можела да ги користи за шпионажа. Се претпоставува дека секоја голема кинеска компанија ѝ одговара на владејачката кинеска Комунистичка партија, чии агенти имаат задача да собираат тајни.

Индија првично ја забрани „Тик-ток“ во април 2019 година, откако судот нареди отстранување од продавниците за апликации, поради тврдењата дека се користела за ширење порнографија. Одлуката била изменета откако била поднесена жалба.

Кога повторно ја забрани „Тик-ток“, заедно со десетина други кинески апликации во јуни 2020 година, индиската влада соопшти дека примала поплаки за тоа дека апликацијата ги краде и скришум ги емитува податоците на корисниците.

Американската влада покрена истрага за националната безбедност на платформата кон крајот на 2019 година, откако демократските и републиканските законодавци посочија дека таа претставува закана. Неодамна државниот секретар на САД, Мајк Помпео, тврдеше дека „Тик-ток“ е меѓу оние кинески апликации што испраќаат податоци директно до кинеската комунистичка партија.

Британската канцеларија на комесарот за информации и австралиските разузнавачки агенции во моментов спроведуваат истрага против апликацијата, но сè уште немаат откриено што точно бараат.

Не се знае што прави „Тик-ток“ со податоците. Врз основа на политиката за приватност на апликацијата, знаеме дека собира многу податоци, вклучувајќи:

- Кои видеа се гледани и коментирани;
- Податоци за локација;
- Моделот на телефонот и оперативниот систем;
- Ритамот на пишување додека луѓето пишуваат на телефон.

Повеќето докази укажуваат на тоа дека собирањето податоци на „Тик-ток“ е слично како и на другите социјални мрежи, како „Фејсбук“. Но, за разлика од американските ривали, „Тик-ток“ тврди дека е подготвена да понуди ненадминливо ниво на транспарентност за да се намалат стравовите за собирањето и протекувањето на податоците.

Новиот извршен директор на „Тик-ток“, Кевин Мајер, поранешен менаџер на „Дизни“, вели дека ќе им овозможи на експертите да го истражуваат кодот што стои зад алгоритмите. Ова е од најголема важност во работата во која податоците и кодовите љубоморно се чуваат.

Но, загриженоста не е само за собирање податоци, туку и за тоа дали „Бајтденс“ ќе ѝ ги даде податоците на Кина?

Кинескиот закон за национална безбедност од 2017 година ги присилува организациите и граѓаните да ја поддржуваат, помагаат или да соработуваат во разузнавачката работа на државата. Но, шефовите на „Тик-ток“ инсистираат дека ако тоа се случи, дефинитивно би одбиле.

Друга грижа е можноста за цензура или дали апликацијата се користи за влијаење врз јавните дебати.

„Тик-ток“ е една од првите платформи на кои многу луѓе одат за да ја споделат содржината на нивниот социјален активизам. Во мај беше промовиран хаштагот #BlackLivesMatter. Но, иако привлече милијарди прегледи, имаше критики дека содржините на афроамериканските креатори се задушени и хаштазите поврзани со протестите намерно се скриени.

„Тик-ток“ и претходно беше обвинет за цензура. Извештајот на „Интерспет“ посочува дека модераторите биле поттикнувани да го намалат приоритетот на содржината на секој што се смета за грд или сиромашен.

Минатата година „Гардијан“ пишуваше дека „Тик-ток“ цензурира материјал прогласен за политички чувствителен, вклучувајќи и снимка од протестите на плоштадот „Тјенанмен“ и барањата за независност на Тибет. Нова репортажа од „Вашингтон пост“ покажува дека модераторите во Кина имаат конечен збор за тоа дали некои видеа се одобруваат.

„Бајтденс“ изјави дека ваквите насоки во меѓувреме се исфрлени и дека модерирањето не зависи од Пекинг.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија