X
 31.01.2022 Технологија

Научниците развија видеоигра која дијагностицира, следи и лекува депресија

Иако видеоигрите главно се на удар на критиките, во смисла дека им штетат на младите, конечно се појави една за која не би можеле да го кажеме тоа. Таа е развиена од научници и има цел да дијагностицира, следи и лекува депресија.

Платформата на која се наоѓаат игрите се вика „Тимија“ и се занимава со менталното здравје. Научниците што ги развиле овие видеоигри веруваат дека менталното здравје може да се мери на ист начин како и физичката болест.

Научниците веруваат дека сегашниот здравствен систем е погрешен на многу начини, најмногу затоа што општите лекари немаат доволно време да одвојат за пациентот. Потоа, постојните системи се засноваат на субјективни прашалници кои се пристрасни и кои не можат да дадат увид во реалната состојба. „Тимија“ е првиот систем кој нуди објективност и користи одредени типови податоци насочени кон создавање точен модел на депресија.

Програмата бара од пациентите да играат едноставни видеоигри, со невропсихолошка заднина, со цел да се измерат депресивните сигнали. За време на играта, софтверот ги анализира гласот на пациентот, погледот на очите, однесувањето, времето на реакција, меморијата и грешките. Преку овие податоци се поставува дијагноза.

Апликацијата е тестирана на околу 2.000 пациенти во Лондон, а клиничките испитувања почнаа кон крајот на минатата година. Засега не може да се тврди дека играта може целосно да го излекува пациентот, но се покажа дека може да постави точна дијагноза.

Еден дел од стручната јавност смета дека ваквиот третман е погрешен бидејќи на човек кој е во депресија му треба друга личност. Луѓето што се депресивни треба да бидат дел од заедницата и да имаат поддршка.

Видеоигрите, од друга страна, можат да бидат дел од заедницата - единственото прашање е каква заедница. Дали виртуелниот свет навистина може да ги задоволи нашите потреби?

Извор: 24sedam.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија