Денес не останува доволно време за воспитување на децата. Родителите се преизморени и се одлучуваат за брзи решенија кои на долги патеки само го комплицираат
родителството.
На крај, и она малку бесценето слободно време што го имате го поминувате губејќи го на решавање на проблемите кои се создадени од вашето стихијно воспитување на децата.
Танит Кери, авторка на книгата „Трикови за мајки – совети за средување на семејните односи без да се губи време“, има неколку совети за родителите кои посакуваат помалку стрес и повеќе резултати кога станува збор за воспитувањето на децата. Според нејзиното мислење, овие навики се најголемите крадци на родителското време:
1. Викање по децата
Колку сме поизморени и понервозни, толку повеќе пискаме по децата, обидувајќи се да ги поттикнеме да го направат она што го бараме од нив. Меѓутоа, дејството од викањето брзо ослабнува и единствените што трпат од тоа се вашите нерви.
Заштедете време така што ќе научите да ги препознавате знаците кои „зборуваат“ дека ќе експлодирате. Освен ако се работи за итна работа, како што е спречување на повреди, подобро би било длабоко да вдишете неколку пати и да осмислите подобра стратегија.
2. Ни самите не ги знаете правилата
Дали децата можат во текот на викендот да останат будни подоцна? Или само во саботите? Дали домашните задачи треба да се работат веднаш по доаѓањето од училиште, или прво може да се гледа телевизија? Ако не ги донесете овие основни правила, ќе изгубите многу време на расправии затоа што децата ќе сметаат дека имаат маневарски простор да ве разубедуваат, а тоа може да трае со часови. Ако сте уморни и полудени, ќе заборавите што сте кажале претходно, па децата ќе го искористат тоа за да ги поместат границите што подалеку.
Затоа треба да донесете правила кои ќе бидат трајни и кои нема да се прекршуваат. Постарите деца можете да ги вклучите во нивното донесување, но еднаш кога ќе се донесат правилата, тие стануваат светост. Напишете ги на некаква хартија, ставете ги на некое видливо место и заштедете си часови и часови поминати во преговори. Исто така, кога ќе бидат официјално објавени, и бабите и дедовците ќе треба да се обврзат да ги почитуваат додека ги чуваат децата.
3. Премногу преговарате
Многу родители веруваат дека со тоа што ќе им дозволат на децата да се облекуваат како што сакаат, покажуваат дека ја почитуваат нивната личност. Тоа е далеку од вистината. Во ваква замка влегуваат родители кои многу работат, па чувствуваат вина што не поминуваат повеќе време со своите деца. Всушност, на децата им треба потврда дека вие ги држите конците во своите раце, а преголемата контрола ги заплашува. Ниту едно дете не посакува да живее без определена структура.
Овозможете им ограничен избор, на пример, да имаат право да одлучуваат дали ќе излезат во парк да возат велосипед или да играат фудбал, наместо да ги прашувате што сакаат да прават во тој момент.
4. Им попуштате на децата
Кога имате малку време за децата, сакате тоа да биде совршено. И тогаш почнувате да кажувате „да“ за сè, само децата да бидат среќни. Родителите што растеле со престроги родители исто така се наклонети да одат во друга крајност и на своите деца да им дозволуваат сè. Меѓутоа, кога сте попустливи, апетитите на детето непрекинато ќе растат и вие ќе морате да кажувате „да“ непрекинато, или...
За да се спасите од оваа „замка“, поставете граници и „закопајте се“. Децата ќе можат да се опуштат наместо постојано да проверуваат што сè можат да извлечат од вас. И ако не кажете „не“, тоа значи дека нешто навистина не е во ред со вашето родителство...
5. Им дозволувате да грицкаат
Кога ќе ги чуеме зборовите „гладен/на сум“, чувствуваме обврска веднаш да стапиме во акција. А тогаш главно децата завршуваат со кекс или чипс во рацете. Тоа ќе ги задоволи за кратко, но брзиот налет на шеќерот ќе предизвика инсулински скок и уште побрзо паѓање на нивото на шеќер во организмот, проследен со нов напад на глад.
За да го спречите овој маѓепсан круг, дајте им на децата ужинка од протеини, масти и сложени јаглехидрати – јаболка со путер од кикиритки, сирење, јаткасти плодови...